И годинава, на задоволство на филмофилите, на кинотечната програма ја имаме НЕДЕЛАТА НА ЈАПОНСКИОТ ФИЛМ. Од 10 јуни (петок) до 15 јуни (среда) на програмата на летното кино „Мирно лето“ ќе бидат прикажани 7 наслови од најновата продукција на јапонската кинематографија.

Се работи за насловите по следниот хронолошки редослед на прикажување: НОСАРИ: НЕПОСТОЈАНА ВЕЧНОСТ (Nosari no shima / Nosari: Impermanent Eternity)НИЕ ПРАВИМЕ АНТИКВИТЕТИ (Uso happyaku / We Make Antiques)БУДЕН (Awake)ПО ЗАЈДИСОНЦЕ (Yuhi no Ato / After the sunset); МИЕЊЕ КОСКИ (Senkotsu / Born Bone Born); ГУСТО ПЛЕТЕНО (Karera ga honki de amu toki wa / CloseKnit); и СЕКОЈ ДЕН Е ДОБАР ДЕН (Nichinichi kore kôjitsu / Every Day A Good Day).

НЕДЕЛАТА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ ќе биде присутна и во Битола, во НУ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА – БИТОЛА на 16 јуни и 17 јуни.

Овие наслови се снимени во последниве неколку години, о периодот од 2017 година до 2021 година. Секогаш интригантни, со задолжителен human touch во сторијата, или, како што ние милуваме да го наречеме тоа – филмови со душа, овие седум наслови можеби не се дел од гламурозните фестивалски настани пропратени со глобален публицитет. Но, секкао дека се дел од понекогаш малку видливата, но секогаш жилава нишка што и го дава тој посебен момент на јапонската кинематографија. Семејството, односите меѓу неговите членови и социјалниот момент се главните теми кои на некој поширок начин ги обединуваат овие наслови од годинешната НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ.

Изминативе 15 години, Кинотеката, Амбасадата на Јапонија и Јапонската Фондација се здружуваат преку филмските проекции да ѝ овозможат на македонската публика патувања низ различни места и периоди во Јапонија.

Филмовите се наши патешествија низ времето и просторот. Со секое ново поглавје од уникатната приказна со која се соживуваме одново откриваме уште еден аспект, уште еден детаљ, уште еден слој од нешто за кое сме мислеле дека ни е веќе познато.

Преку филмовите тонеме длабоко во колективната свест и личните приказни кои нѐ обединуваат. Културата нѐ зближува, откриваме колку многу заеднички работи делиме учејќи преку разликите. Следната недела ќе нурнеме заедно во оригинални приказни преку кои се надевам дека ќе стекнете подлабоко разбирање за разноликоста на Јапонија.

Исто така сум многу среќен што подоцна ова лето, во оваа јубилејна година, македонската публика ќе го погледне добитникот на Оскар за најдобар интернационален филм ВОЗИ МИ ЈА КОЛАТА на Рјусуке Хамагучи, кој е снимен според краткиот расказ на мојот омилен современ јапонски писател, Харуки Мураками.

Се надевам дека во иднина НЕДЕЛАТА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ ќе има можност да гостува низ целата земја и дополнително ќе ја зајакне врската помеѓу нашите земји“, вели, меѓу другото, во поздравната реч Н. Е. САВАДА Хиронори, амбасадор на Јапонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.