Во галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) на 17 јуни, во 20 часот ќе биде отворена изложба на дела од младоста на Ванчо Ѓорѓиевски.

Човек заборавен од многумина кои не требаше да го заборават, а всушност… разбран, погрешно од просечните кои го немаа „сенсот“ на посебноста. Одеше храбро надвор од било кое време, без да гледа напред или назад, скромен и хуманистички настроен, сакаше да пренесе се што знае, – и остави… уметници во права смисла на зборот, многумина по себе!
Неговите платна и творби ги спои во своите чемери но и блесоци на кратка радост, балади кои го стегаат срцето додека траат, акцентирани од милозвучни гестови на лазурно нанесена боја, што брани бавно и силно како солза во око, балади и митови кои само него го разбираа и на кои единствено им веруваше, затоа што само тие не го заборавија… само ним не им пречеше неговата неактуелна различност, неговата тешка уникатност…
Ванчо живееше како да не сакаше да го изневери она што во него навестуваше мир, длабочина и тишина, особено во последните години од престојот на овој свет, се соединуваше со битисувањето на материјата во духовниот простор. Неговиот најголем грев беше што е роден во право време за жал на погрешно место… за во денешнинава да му се загуби сета суштина на постоењето.
Сега „компонира“ на друго место, слика небесно синило во неговата светла омилена ултрамарин, можеби… можеби, „but I do not belive“ некогаш некој ќе се сети… …
Оваа изложба е сегмент од творби: графики, цртежи,гважови и акварели од времето на неговиот младешки разлет, вели Горјан Ѓорѓиев.

Ванчо Ѓорѓиевски е роден 24.06,1924 во Скопје, а починал 2009 година. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград. На овие студии му предаваат професорите Љубица Сокич, Коста Хекман, Зора Петровиќ (сликарство), Михаило С Петров и Бошко Карановиќ (графика).
Член на ДЛУМ од 1952, излага со групата „Мугри“ 1960/1961. По плодната педагошка работа се пензионирал како редовен професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Имал повеќе студиски пестои во: Париз (1954,1960 и 1962,1963). Излагал дела во Италија, Холандија, Полска, поранешна СССР, Финска и др. Ликовните дела на Ѓорѓиевски се наоѓаат во повеќе музеи, галерии, колекции и јавни институции како во земјава така и во странство.

Поважни награди: 1966 Републичка награда за сликарство, „11 октомври“, Награда за особени заслуги за градот Скопје, 1973 Сребрена плакета на Сојузот на ликовни удружења на тогашна Југославија и многу други признанија и плакети.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.