Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од денеска до 30 јуни ги организира Отворените денови кои годинава се во знакот на 70 години од неговото основање и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков.

Академик Влада Урошевиќ во излагањето „Наследниците на Мисирков“ рече дека Мисирков бил визионер во борбата за националниот и културниот идентитет на Македонците.

Наспроти сите неповолни околности што му се закануваат на физичкото и духовното опстојување на неговиот народ, па дури ја загрозуваат и неговата лична егзистенција, тој успева да ја создаде својата слика на иднината и со цврста верба и убедлива образложеност да ја постави како единствена можност. Тој е визионер затоа што точно го насетува патот по кој треба да се оди и го наложува неговото следење како неопходност. А визионер е, секако, пред се, затоа што во тој миг неговите идеи не произлегуваат од реалната состојба на Балканот и во светот. Затоа што во тој миг не можат да се согледаат никакви услови за нивното остварување – рече Урошевиќ.

Неговата книга од 1903 година „За македонцките работи“ ја нарече пророчка затоа што во миг кога „сликата што ја нуди македонската стварност е длабоко трагична“ Мисирков со сета свест за размерите на несреќата која се струполила врз македонскиот народ пишува за јазикот и ги поставува неговите темели.

Се залага за еден друг вид борба, онаа на културен план, поставува задачи што треба да се исполнат, создава планови за иднината. Затоа книгата „За македонцките работи“, и покрај своето критичко согледување на дотогашните резултати од борбата за остварување на правата на македонскиот народ е оптимистичка книга. Во нејзината основа лежи цврстата увереност на нејзиниот автор дека крајната цел е остварлива. И покрај судската забрана, и покрај физичкото уништување на најголемиот дел од тиражот, таа книга ќе продолжи да живее и да ги шири своите идеи, рече Урошевиќ.

Проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, рече дека ликот и делото на Мисирков природно добиле своја институција во Институтот за македонски јазик којшто, како што рече, со гордост го носи неговото име.

Блаже Конески го втемели македонскиот литературен стандарден јазик во општествениот живот на новата македонска држава, АСНОМ го озакони, така што денес со гордост истакнуваме дека нашата држава е рамноправен член на современото семејство на држави во Европа и светот, дека нашиот јазик е прифатен и признаен во Обединетите нации и во Европската Унија, во НАТО и насекаде – рече Спасов.

Осврнувајќи се на работата на Институтот за македонски јазик, истакна дека се направени многу работи, но дека времето наметнало и нови задачи – изработка на нормативно-правописен речник на македонскиот јазик, корпусот на македонскиот јазик, етимолошки речник…

Почетокот на Отворените денови беше означен со поздравни говори на директорката на Институтот Елена Јованова-Грујовска, заменик-министерот за образование и наука Агим Нухиу и ректорот на Скопскиот универзитет, Никола Јанкуловски.

Во осмата деценија од постоењето на Институтот, имаме картотеки, богата издавачка дејност, започнати проекти, постдипломски и докторски студии. Имаме знаење, искуство и енергија да продолжиме храбро и со визија кон новите предизвици – рече директорката на Институтот.

Јубилеите ги честиташе заменик-министерот Нухиу кој истакна дека Институтот останува водечка научна институција во земјава која се грижи и го негува македонскиот јазик.

Верувам дека поткрепата која Институтот и ја дава на државата во изминатите 70 години е доволен доказ за посветеноста и негувањето на македонскиот јазик кој денес е еден од официјалните јазици во Европската Унија – рече Нукиу.

Додаде дека МОН е партнер во професионализација на кадарот на Институтот и за студентите кои се запишуваат на студиските програми Македонски јазик и Македонска книжевност за кои обезбедува стипендии од оваа академска година.

Ректорот на УКИМ во своето излагање посочи дека Институтот, придружна членка на Универзитетот, израснал во славистички еминентен центар за проучување на македонскиот јазик на сите рамништа и дека е единствена лексикографска школа во земјава за што, рече, сведочат речниците што континуирано се објавуваат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.