Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ вчеравечер беше дел од музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ .
Оркестарот настапи заедно со солистите Симеон Гошев на виолина и Енис Аљи на виолончело. Диригентската палка му беше доверена на маестро Иван Еминовиќ кој соработува со Музичката младина на Македонија повеќе од една деценија.
Репертоарот според Еминовиќ беше внимателно одбран за фестивалската публика на „Охридсколето“, а беа застапени домашни и странски композитори.
-И оваа година на огромна радост и задоволство доаѓаме со многу интересна програма Доаѓаме со македонски автори, Томислав Зографски, „Скици“ , многу интересно современо дело, потоа „Пролетната симфонија“ од Ристо Аврамовски, како и „Македонското капричо“ од Драган Шуплевски. Застапени беа и странски автори, Давид Копер со солист на виолончело Енис Аљи и „Пролет“ од Вивалди со која како солист настапи Симеон Гошев, вели Еминовиќ.
Диригентот Еминовиќ кој студирал оркестарско диригирање меѓу другото и кај покојниот професор Саша Николовски-Ѓумар чие име го носи и камерниот оркестар на МММ, вели дека и денес се чувствува загубата од големиот уметник, професор, и пред сè човек.
-Најубавите години во мојот живот беа факултетските имагистерски денови кај Саша Николовски-Ѓумар, човек, пријател, професор, така што загубата е голема, сè уште фали меѓу нас. Секогаш имаше што да каже, секогаш имаше што да се научи од него. Чест ми е што диригирам со оркестарот кој го носи неговото име, додава тој.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои 38 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска…



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.