Домот на култарата АСНОМ во Гостивар, од 24 ноември ќе биде домаќин на самостојната изложба на уметницата Христина Марковска насловена „Страв од НЕпознатото“. Во својата изложба, Марковска ќе се претстави со инсталација во простор и видеопроекција.

Историчарката на уметност, Маја Чанкулоска, во својата стручна критика за изложбата вели дека во најновиот проект на Христина Марковска, насловен „Страв од непознатото“, симболизмот може да се издвои како круцијален елемент, без оглед дали е директен – преку реално претставени референтни модели, или, пак, асоцијативен, минимизиран и суптилно редуциран.

На почеток, анализирајќи го терминот страв, може да се повикаме на општоприфатените дефинирачки одредници како едно од основните чувства кај човекот, активатор на модусот на преживување и истиот може да биде ирационален или рационален. Со самото проширување на „заканата“ на која се однесува стравот, односно негово дефинирање како реакција во однос на непознатото, тој се рационализира во смисла на сопственото надминување и стимул за перцепирање и делумно или целосно надминување на несаканите метаболитички или психолошки функции кај човекот и е, на извесен начин, соочување со двојната природа на нештата, коментира Чанкулоска.

Таа додава дека самиот проект е замислен како интегрално уметничко дело во кое доминираат дуализмите како процес на уметничко градење на една целост.

Во конкретниот пример, целината на контрасти го симболизира човековото созревање преку совладување на сите дуализми. Онтолошки земено, процесот на надминување на ограничувањето на стравот од непознатото кај една индивидуа е претставена преку сета асоцијативност на апстрактните геометриски форми, бои, материјал, структура (претставени преку 45 панели), симболизирајќи го односот или борбата на сите контрадикторности, лични анксиозности и општествени борби во реалноста на неизвесното секојдневие на современиот свет кој, пак, технички се базира врз конфронтацијата или прифаќањето на дуализмите (1-0).

 

Од друга страна, пак, психолошки земено, стравовите од најраната возраст не постојат, тие се стекнуваат и создаваат преку реално влијание врз личноста, претставена преку чистата детска фигура во сета нејзина фигурална конкретност, надополнета со реди мејд елемент (светилка). Следствено на ваквата позиционираност на елементите, и контрадикторно на самиот наслов, овој сегмент во делото на Христина Марковска не е продолжение на протагорината философија во која „човекот е мерило на се“, туку е архетип на Диогеновата потрага по човекот, носејќи ја со/во себе сета симболика на боженствената светлина („пламен на светот“ кој го симболизира Божјото присуство) во секој од нас, како и крајно хуманистичката порака за личниот стремеж кон вистината, добрината, разумот, напредокот…, вели Чанкулоска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.