Фестивалот „Охридско лето“ во втората половина од годинешната програма влегува со Романската вечер и избрана музичка програма наречена „Од Букурешт до Мадрид“ во изведба на уметниците Ирина Муртезану на виолина и Даниел дел Пино на пијано.

Романската виолинистка Ирина Мурезану и шпанскиот пијанист Даниел Дел Пино го претставуваат возбудливото музичко патување „Од Букурешт до Мадрид“ инспирирано од нивното лично културно наследство. Како што кажува насловoт, репертоарот музички и географски го следи патот кој води од едниот до другиот град со попатни станици во Унгарија, Австрија, Германија и Франција кои се претставени со делата на значајни композитори од овие земји.

Музичкото партнерство на ова дуо започнува на престижниот фестивал за музика во Њупорт во 2019 година, и од тогаш тие заеднички настапуваат во салите низ САД и Европа. Двајцата уметници имаат завидни солистички кариери, а заедно на подиумот на стандардниот репертоар му носат свежа и моќна енергија. Ирина Мурезану и Даниел дел Пино ги поврзува и заедничкиот интерес да креираат програми кои се музички комплексни, но истовремено подеднакво интересни и едукативни за публика од сите возрасти.

На програмата на вечерашниот концерт се дела на Константинеску од Романија, унгарскиот композитор Барток, Брамс од Германија, Крајслер од Австрија, Равел како претставник на Франција, Де Фаља и де Сарасате како композитори од Шпанија.

Концертот ќе се одржи во прекрасната акустика на катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.