Музичката програма на 64. издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ со концерт на Црногорскиот симфониски оркестар кој ќе се одржи под диригентската палка на Марк Корович. Солист на вечерта ќе биде ренoмираната македонска пијанистка Нина Костова.
Црногорскиот симфониски оркестар првпат настапува на 14 декември 2007 година во Цетиње, и набргу станува центар на музичкиот живот во Црна Гора. На преку 500 концерти одржани во земјата и во странство (Италија, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Русија, Турција, Албанија, Франција) како солисти со овој оркестар меѓу останатите настапиле: Монсерат Кабалје, Миша Мајски, Иво Погорелиќ, Иља Гринголц, Роман Симовиќ, Милош Карадаглиќ, Денис Шаповалов, Симон Трпчески, Стефан Миленковиќ, Константин Лифшиц и многу други истакнати солисти и диригенти. На репертоарот на овој оркестар се наоѓаат дела од сите стилови и музика од барокната ера, па сѐ до современи дела. Оркестарот остварува концерти со епохални дела од светската музичка ризница кои претставуваат историски мигови во црногорскиот музички живот. Покрај тоа, редово се застапени делата на црногорските композитори: Иван Бркановиќ, Илија Лакешиќ, Борислав Таминжиќ, Жарко Мирковиќ, Нина Перовиќ, Александар Перуновиќ, Сенад Гачевиќ кои се значајни во музичката историја и сегашност на Црна Гора.
Марк Корович, шеф-диригентот на Црногорскиот симфониски оркестар од сезоната 23/24 е роден во 1987 година и завршува хорско и оркестарско диригирање на „Сорбона“ во Париз. Оркестарско диригирање студира и на Конзерваториумот за музика во Париз, а магистерски студии по хорско диригирање завршува на Високата школа за музика во Женева. Од 2014 Марк Корович редовно работи со хорот на Француското радио, како и со хорот „Акцентус“ со кои настапува на турнеи, снимања, а надвор од Франција соработува со хорот на Хрватското радио, со вокалните ансамбли во Штутгарт и Минхен, ансамблот English voices, хорот на градот Мадрид и на Шпанската РТВ. Соработува со ансамблот „Кончерто Келн“, со Хрватскиот барокен оркестар, Хашкиот камерен оркестар, Симфонискиот оркестар на ХРТ, како и со националниот оркестар во Монпелје. На оперската сцена работи во оперите во Руен и Монпелје, во театарот „Шанзелизе“ и во Виенскиот театар.
Пијанистката Нина Костова музичкото образование го стекнува во Скопје, во класата на реномираните професори Људмила и Борис Романови. Во текот на своето образование добитник е на бројни награди и признанија и често настапува на европските сцени во Велика Британија, Франција, Италија, Бугарија, Турција и сл. Дипломира и магистрира со посебна пофалба cum laude, a во 2014 година ги завршува докторските студии. Нина Костова, повеќе пати настапува како солист со Националната филхармонија, Младинскиот симфониски оркестар „Добрин Петков“ од Пловдив, Камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“, камерниот оркестар „Московија“, Симфонискиот оркестар на ФМУ. Соработува со значајни диригенти од земјава и странство меѓу кои Саша Николовски, Александар Лековски, Борјан Цанев, Леонид Николаев, Едуард Грач, Пламен Парванов, Јанко Костелиц и други. Исто така, одржува бројни настапи во камерни состави и дуа од кои се издвојуваат настапите во Босна и Херцеговина, Белгија, Италија, Франција и САД, како и настапот на „Охридско лето“ со Квартетот Хеншел од Германија. Моментално работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Со своите ученици и студенти постигнува огромни успеси, за кои показател се двете признанија од Карнеги Хол за посебен придонес на натпреварот „Американски таленти“ како и признанието од фондацијата „Спиваков“ за посебен придонес на фестивалот „Москва сретнува пријатели“ во 2013 год.
Од 2018 год. Нина Костова е почесен член на фондацијата „Томислав Зографски“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.