Финалето на кинотечната програма во јануари е во знакот на македонските (ко)продукции СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА, дебитантски игран филм на Кристијан Ристески, НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ на Теона Стругар Митевска и ОД РАЈОТ на Срѓан Драгојевиќ.

Во февруари започнува вистински мини-фестивал на наградувани филмови. ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА (Triangle of Sadness) на Рубен Остлунд (Ruben Östlund), со Херис Дикинсон, Чарлби Дин, Вуди Харелсон, Златко Буриќ, Вики Берлин, Доли Де Леон (Harris Dickinson, Charlbi Dean, Woody Harrelson, Zlatko Burić, Vicki Berlin, Dolly De Leon). Филмот навидум е урнебесна комедија, а суштински претставува брутална сатира за богатите луѓе од разни профили – руски олигарси, аристократи со „старо“ богатство, нафатирани трговци со оружје и претставници на „новата класа како што се инфлуенсерите на социјалните мрежи – кои започнуваат со уште едно рутинско задоволство какво што е крстарењето со супелуксузна јахта.

Социјалната сатира ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА му ја донесе втората „Златна палма“ на шведскиот режисер Рубен Остлунд – по триумфот со КВАДРАТОТ (The Square) во 2017 година – како и повеќето главни награди на Европската филмска академија: најдобар филм, најдобра режија и најдобро сценарио (исто Остлунд), а наградата за најдобра главна машка улога ја доби Златко Буриќ (хрватски актер со европска кариера и адреса во Данска). Филмот освои и номинации за „Оскар“ за најдобар филм, режија и оригинално сценарио.

Следува КАЈМАК (Kaymak) на Милчо Манчевски, а потоа МЕЧ СО ДВЕ ОСТРИЦИ (Avec amour et acharnement / Both Sides of the Blade) на легендарната француска режисерка Клер Денис (Claire Denis), со Жилиет Бинош, Венсан Лендон, Грегоар Колан, Бил Ожие (Juliette Binoche, Vincent Lindon, Grégoire Colin, Bulle Ogier) во главните улоги. Екранизацијата на романот на Кристин Анго (Christine Angot), насловен „Пресвртна точка во животот“ („Un tournant de la vie “), ја раскажува мелодрамската приказна за љубовниот триаголник составен од една жена и двајца мажи. Едниот е нејзиниот долгогодишен партнер, вториот е неговиот најдобар пријател, а нејзин поранешен љубовник. Дени ја освои „Сребрената мечка“ на Берлинале 2022 година за најдобра режија, потврдувајќи го нејзиното авторско реноме во француската и европската кинематографија.

Анимираниот филм МАЧОРОТ ВО ЧИЗМИ: ПОСЛЕДНАТА ЖЕЛБА (Puss in Boots: The Last Wish) на Џоел Крафорд, Џенуел Меркадо (Joel Crawford, Januel Mercado) е новото видување на приказната за Мачорот во чизми е во продукција на анимациското на студио „Дримворкс“ (DreamWorks) и пристигнува од филмскиот универзум на познатиот анимиран карактер Шрек.

Мачорот е одважен уметник, но страста кон адреналинот што го лачат опасните ситуации ќе му ја испорача сметката: тој открива дека неговата желба за авантура има последици – потрошил 8 од неговите 9 животи. Мачорот оди на патување да ја најде митската последна желба и да си ги врати своите 9 животи назад…

Гласовите на главните ликови ги креираат Антонио Бандерас, Харви Гијен и Салма Хајек (Antonio Banderas, Harvey Guillén, Salma Hayek).

Мачорот во чизми како анимиран лик за прв пат се појави во ШРЕК 2 во 2004, кој беше номиниран за „Оскар“, и гостуваше уште во две продолженија на ШРЕК, како и во неколку анимирани филмови во продукција на „Дримворкс“. Серијалот на Шрек и Мачорот во чизми досега заработи повеќе од 3,5 милијарди долари ширум светките киносали.

НЕДЕЛЕН РАСПОРЕД НА ПРОЕКЦИИ:

30 ЈАНУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 18:00 ч.

СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА

(Snow White Dies at the End)

30 ЈАНУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00 ч.

31 ЈАНУАРИ (ВТОРНИК) 18:00 ч.

1 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ

(Luckiest Man in the World)

31 ЈАНУАРИ (ВТОРНИК) 20:00 ч.

ОД РАЈОТ

(Nebesa)

1 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

3 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА

(Triangle of Sadness)

2 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

КАЈМАК

(Kaymak)

2 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

МЕЧ СО ДВЕ ОСТРИЦИ

(Avec amour et acharnement / Both Sides of the Blade)

4 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 17:00 ч.

МАЧОРОТ ВО ЧИЗМИ: ПОСЛЕДНАТА ЖЕЛБА

(Puss in Boots: The Last Wish)

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.