Во Националната опера и балет на 12 и 13 јануари (четврток и петок), со почеток во 20 часот, ќе се одржи традиционалниот Гала оперски концерт по повод празникот Василица.
Оваа година публиката ќе има можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите арии, дуети и хорски делници од светски познатите оперски дела од композиторите: Пучини, Верди, Џордано, де Либ, Штраус – помладиот…
Присутните ќе имаат можност да слушнат 18 арии, од кои увертира од оперетата „Грофица Марица“ од Калман, дует на Ецио и Атила од операта „Атила“ на Верди, Арија на Силва од оперетата „Војводката на чардашот“ – Калман, баркарола од операта „Хофманови приказни“ на Офенбах, сцена на Радамес и Рамфис од операта „Аида“ – Верди, како и увертира од оперетата „Лилјакот“, арија на Адриана од операта „Адриана Лекуврер“, дует на Хана Главари и Гроф Данило од оперетата „Веселата вдовица“…
Диригенти ќе бидат Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, режисер: Дејан Прошев, концерт мајстор: Верица Ламбевска, хор мајстор: Јасмина Ѓорѓеска.
Програмата на концертот ќе ја реализираат нашите оперски уметници: Славица Петровска – Галиќ (сопран), Весна Ѓиновска – Илкова (сопран), Сандра Митровска (сопран), Дешира Ахмети – Крлиу (сопран), Наде Талевска (сопран), Ирена Кавкалевска (мецосопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Зоран Сотиров (тенор), Борис Трајанов (баритон), Марјан Јованоски (баритон), Игор Дурловски (бас) и Александар Стефаноски (бас).
Настапуваат и хорот и оркестарот на Национална опера и балет.
Билетите се веќе пуштени во продажба на билетарница и онлајн.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.