Книгата „Балкански вознеси“ ги подотвори вратите на некои процеси кои ни покажуваат дека сме биле, постоиме, дека ќе бидеме и дека имаме автори кои ја задолжиле трајно, вековито и лековито да ни биде она што е создадено во фондот на македонската литература и култура воопшто, посочи денеска авторот Васил Тоциновски за време на промоцијата на оваа негова книга, што се одржа во рамки на 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“.

Книгата содржи 20 текстови во кои низ архивски истражувања и нова документација се разгледуваат малку познати и се отвораат нови страници за одредени автори и дела, појави и пројави во македонската книжевност од еден подолг временски период, почнувајќи од втората половина на деветнаесеттиот век до денес.

Настрана од дипломатијата и историјата, авторот аргументирано открива нови и непознати страници од животот и делото на Андреја Д. Петкович и Кочо Рацин. Според Тоциновски, пишаниот збор и литературата се секогаш мост што ги обединува народите.

-Од последните истражува низ архивите од Русија, Србија и Америка добивме материјали кои некако компрехираа една поинаква балканска слика, слика во која имаме потреба, но и умееме да соработуваме, да се разбираме и почитуваме. Во „Балкански вознеси“ имаме две студии во кои Андреја Петкович како руски конзул го известува МНР на Русија за војната во БИХ. Имаме еден Македонец деклариран многу убаво, притоа потпишувајќи и именувајќи го точно местото од каде што доаѓа, од македонско тогашно велешкото Башино село. Неговото претставување како Македонец во кратката белешка кон песната тој ќе рече „македонскиот јазик е посебен јазик“. Еден Македонец пишува за еден друг народ, за Босанците кои по турското ропство доживуваат страшни непогоди, рече Тоциновски на денешната промоција на книгата.

Исто така, како што напомена авторот, во оваа книга посебни студии се посветени на Петар Поп Арсов, на Димитрија Чупоски и на Крсте Мисирков.

-Пораката која ќе ја споменам, пораката која се чита од секој ред на оваа книга, е дека треба да се почитуваме и сакаме самите себе. Ако го очекуваме дека некој друг тоа ќе го стори за нас, сме се излажале, додаде Тоциновски.

Промоторот на книгата, проф. д-р Васил Дрвошанов рече дека Тоциновски е несекојдневна појава во македонската книжевност. Тој е, како што рече, најпродуктивниот книжевен творец во Македонија, пројавувајќи се како писател, научник и публицист, кој продолжува да опстојува и да твори.

– Тоциновски е книжевна институција, со неговиот импозантен книжевен опус, 26 литературни дела, над 40 книги за македонската книжевна историја, енциклопедии, учебници, прирачници и творници, 338 книжевни студии, над 600 есеи, но и сценарија на документарни филмови и серии емитувани на програмите на поранешната Југословенска радио телевизија. Овие податоци го отсликуваат творечкиот кодекс на Васил Тоциновски, чии почетоци се од 1967 година, кои што непрестано траат речиси 60 години до ден денес, додаде Дрвошанов.

Во ова дело, потенцираше Дрвошанов, Васил Тоциновски носи нови сознанија во македонската книжевност. Врз основа на своите научни истражувања, но не игнорирајќи ги истражувањата на други научници од земјата и од странство, тој испишува нови страници, со нови сознанија во македонската книжевност за плејада на врвни македонски дејци.

-Со новите сознанија за книжевните творци, Тоциновски испишува нови страници, со кои се осветлуваат непознати, драгоцени факти, што сведочат за искрените патриотски чувства на македонски дејци кон својот македонски народ. Острото око на истражувачот Тоциновски го забележува и најситниот детаљ во животот и во творештвото на творците, и секоја новост како камче го вградува во нивниот животен и творечки мозаик, додаде Дрвошанов.

Книгата „Балкански вознеси“ е во издание на „Академска мисла“ Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.