Теракотните икони од Виничко кале по претставувањето во Англија и Шпанија, доаѓаат на изложба во Вински музеј Кавадарци, информираше Весела Честоева, директорка на кавадаречката културна институција. Таа подвлече дека станува збор за археолошки предмети, што се дел од културното богатство на Македонија и како такви, имаат непроценливо значење.

Неколкудневната програма на Општината изобилува со настани, а теракотните икони ќе дадат посебен белег на традиционалната манифестација. Централната прослава е на 14 февруари, соопшти директорката на музејот за регионот „Тиквеш“.

Честоева додаде дека станува збор за ранохристијански керамички релјефи од Виничкото кале, познати како теракотни икони, а изложбата се реализира  во соработка со Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ од Виница.

Вински музеј Кавадарци со оваа несекојдневна изложба, нуди можност после Оксфорд, Велика Британија и Кордоба, Шпанија, да се погледнат овие експонати и од љубителите на уметноста од Тиквешијата и регионот. Изложбата ќе биде отворена за посетители, до крајот на месецот. Се работи за 12 керамички релјефи и осум банери на кои се претставени Виничкото кале и 14 мотиви од нив. Познатите винички „теракотни икони“, што се со потекло од петти до шести век од нашата ера, се вбројуваат во редот на најавтентичните археолошки откритија и претставуваат драгоцен дел од целокупното христијанско уметничко наследство, нагласи Честоева за МИА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.