Темелите се поставени, само треба да се продолжи со работа, вели за „Република“ драматургот Дарко Јан Спасов, кој од лични причини поднесе оставка на функцијата директор на Театар Комедија.
За оставката е информирана и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Спасов за „Република“ вели дека новиот в.д директор на Театар Комедија ќе биде некој од вработените кои добро ја познаваат институцијата. Тој останува во Комедија, како вработен драматруг.
Верувам дека на мојата оставка ќе се гледа на позитивен начин. Јас си заминувам само од функцијата, но не и од Театарот. Јас сум многу позитивен човек и овој период навистина многу се вложив. Имаме полна каса, одлична продажба на билети, полна сметка, реновиравме многу во Театарот, салонот е полн. Со сите вработени сум во одлични односи, вели Спасов, кој во еден период од животот престојуваше во Словенија.
За Спасов, театарот е магија, тој е храм и така треба да биде третиран.
Николгаш не било лесно, но нашите предци секогаш имале желба да творат, да создаваат. Оттаму мислам дека е време да биде полесно и подобро, имаме капацитет, човечки, и тоа е најважно. Живееме во време на конзумеризам, се трошиме на други работи, но не смееме да престанеме да создаваме. Важна е внатрешната среќа, бидејќи само така може да се оди напред. Доволно е само да се чита, да се патува, да се негува љубовта кон работата, смета Спасов.
Спасов беше поставен за директор на Театар Комедија на барање на колективот. Претходно в.д. директорка беше Магдалена Ризова – Черних, која беше назначена по разрешувањето на Нора Шаќири- Марковиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.