Театар Комедија и Турскиот театар од Скопје привршуваат со подготовката на нивната прва копродукциска театарска претстава, „Демнејќи го Годо“, работена според истоимениот драмски текст од словенечкиот писател и драмски автор Драго Јанчар.
Премиерата на претставата е предвидена за 12 декември, на сцената на Театар Комедија. Режисерка на „Демнејќи го Годо“ е Сибел Авдиу, а во претставата играат: Жаклина Стевковска-Дрнасин, Едмонд Сотир, Кристина Ласовска, Селпин Ќерим и Џенап Самет.
Сценографијата ја изработи Луиџи Бејта, костимите се дело на костимографката Ивана Каранфиловска, кореограф на претставата е Александра Кочовска- Начева.
Турски театар десетина година своите претстави ги игра на сцената на Театар Комедија, каде што е сместен и ансамлот и техничкиот персонал. Новиот објект Турски театар во Скопје уште е во градба.
Драмата „Демнејќи го Годо“ првпат е поставена во сезоната 1988/89 година на сцената на Словенечкиот народен театар во Љубљана. Настанувањето на текстот на крајот на осумдесеттите години од минатиот век, ги рефлектира општествените промени во поранешната држава и на некој начин ги антиципира случувањата што ќе резултираат со крвав пир како крајна форма на апсурдот. Во оригиналниот текст на Јанчар, двата лика со индикативни имиња Франц и Јозеф, се некакви агенти чијашто мисија е да го демнат отсутниот Годо, а крајната цел е да ги уништат годоистите, следбениците на оваа идолизирана претстава (чиешто суштествување е сомнително и недокажано). Во македонската адаптација, двата лика се, всушност, удвоени и постојат и како женски верзии.
Драго Јанчар (1948) е светски познат словенечки романсиер, драмски писател и есеист. Тој е еден од најпреведуваните и најнаградуваните словенечки книжевници. Голем број дела на Јанчар се приопштени и на македонски јазик, а меѓу нив се: романите „Таа ноќ ја видов“, „И љубовта“, „Зуење во главата“, „Посакување за потсмев“, расказите „Џојсовиот ученик“, драмите „Тивко се ниша часовникот“ и други. Во драмите на Драго Јанчар основата е критичко, сатирично или алегориско прикажување на реалните настани и конкретната стварност, и загрозеноста на поединецот од насилството на власта. Со „Демнејќи го Годо“, Јанчар ќе се претстави третпат пред македонската театарска публика, откако претходно, во 1986 и во 1990 година, во Македонскиот народен театар во Скопје и Народниот театар во Прилеп беше поставен текстот „Големиот брилијантен валцер“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.