Кинотеката, по повод својот „роденден“ на 29 април, секоја година го доделува признанието „Златен објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Оваа година – на 20 мај (петок) во 12 ч. – на сцената на летното кино „Мирно Лето“ на Кинотеката ќе бидат доделени годишните награди „Златен објектив“ на филмската монтажерка Олга Луковска-Дончиќ и филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре. На Лауреатите ќе им бидат доделени традиционалните пригодни плакети и значки стилизирани во духот на кинотечните вредности.

Доколку временските услови не дозволуваат одржување на настанот на отворено – Доделувањето на наградите ќе се одржи во кино-салата на Кинотеката, информираат оттаму.

Досегашни добитници на „Златен објектив“ беа: режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмската критичарка Илинденка Петрушева; монтажерите Димитар Грбевски и Спасе Тасевски; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.