Македонскиот академски уметник Решат Амети вечерва ќе има самостојна изложба насловена „Брилијантни апстракции“ во Грац, Австрија, на покана од Галеријата „Урсула Штрос“. Изложбата прикажува дел од поголемиот серијал на неговите најнови дела насловени „Од традиција“. Делата ќе бидат изложени во Галеријата Штрос.

Преку искрена експресија, неизвалкана од желбата да се копираат популарни уметници, талентот на Амети игра со светлината, традицијата и рапсодскиот експресионизам. Светлината е клучот, што едноставно означува почеток. Во овој случај, сфатен како пигмент, а не како боја, тој ја носи визуелната метафора како извор на живот, духовност, вера, љубов, се и ништо. Инспириран од македонската историја и вредности, моментот на самозапознавање е речиси опиплив. Елементот на идентификација е суштински за општествениот и урбан ангажман во сите култури и народи, велат од Галеријата „Урсула Штрос“.

Решат Амети е роден 1964 година во Гостивар. Зад себе има над 30 самостојни изложби, групни изложби и различни проекти во Берлин, Брисел, Њујорк, Париз, Пекинг, Софија, Тирана, Хамбург, Загреб. Неговите дела можат да се најдат во светски познатите музеи, институции и приватни колекции, како и во домовите на добитниците на Нобеловата награда, познати писатели и претседатели.

Добитник е на бројни признанија и награди, меѓу кои и Наградата за уметност и култура „11 Октомври“, доделена од Министерството за култура во 2013 година, „Џони Вокер – човек на годината“ во Скопје 2010 година и Арт Форум Ветрофен во Виена во 2006 година.

Во моментов тој е професор по сликарство и претседател на Друштвото на ликовни уметности на Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.