Институтот за македонска литература при УКИМ – Скопје ја продолжува традицијата на чествување на великаните на современата македонска книжевност. На 5 јуни, во 12 часот, во амфитеатарот на Институтот за македонска литература, овој пат вниманието се насочува кон Гане Тодоровски (по повод 95-годишнината од раѓањето) и кон Петре М. Андреевски (по повод 90-годишнината од раѓањето).
– Како институција што е од посебен национален интерес се чувствуваме почестени, но и обврзани, да потсетуваме на дејноста и опусот на сите оние имиња од македонската книжевна историја што ги пренесувале традициите и ги граделе културните вредности кај нас. Двајцата писатели не само што се класици на македонската книжевност туку и за двајцата може да се констатира дека пишуваат литература што станува носител на актуелното преку предавање на историското знаење. Затоа, за нас е многу важно да се погрижиме значајните личности од македонската книжевна историја да се актуализираат и кај младите генерации, па во таа насока настојуваме овие собири да ги реализираме во интеракција со учениците од средните училишта – вели проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, претседателка на Организациониот одбор.
Со поздравна реч, соборот ќе го отвори директорката на ИМЛ, проф. д-р Наташа Аврамовска. За научната дејност на Гане Тодоровски ќе говори проф. д-р Валентина Миронска-Христовска, за поезијата проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, книжевната дејност на Петре М. Андреевски ќе ја претстави проф. д-р Наташа Аврамовска, а за романот „Пиреј“ ќе зборува проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.