Стиховите се зраци што светат, оти песните го возвишуваат духот и сите што искрено ја сакаат поезијата неминовно ги поседуваат и врвните човекови доблести, порача поетот Милован Стефановски кој од светската престолнина на поезијата, Струга, вечерва го испрати поетско послание со што беше отворено 62 издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата (СВП).
А ехото на брановите, и во времето што надоаѓа, нека нè потсетува дека непроценливите вредности на нашиот струшки поетски фестивал треба со пиетет и грижливо да ги чуваме, домаќински да ги негуваме и со заеднички сили да ги надградуваме истовремено како наша гордост и како светска културна придобивка, порача Стефановски.
Споредувајќи ги Струшките вечери на поезијата како препознатлив знак за Струга, како што е Нобеловата награда за Стокхолм, Светскиот саем на книгата за Франкфурт, Филмскиот фестивал за Кан, Биеналето за Венеција…, токму Струга, нагласи, е светска поетска престолнина за светски признати мајстори на поетската реч, изговорена на многу јазици.
И поетите, како и водите на Дрим, минуваат низ Струга и, во исто време, остануваат засекогаш приврзани со градот на Браќата Миладиновци, со градот на мостовите и улиците што сè уште чекаат да бидат именувани со имињата на светските поетски великани кои настапиле на СВП, а некои од нив, освен што овде биле пречекувани со почести, биле и наградувани и овенчани. Реката Дрим и натаму спокојно тече и засекогаш ќе го чува сеќавањето дека некогаш нејзиниот тек бил и пат на јагулите со уште поголемо значење од тоа што за Рим го имал патот Виа игнација што, исто така, минувал овде, затоа што едно е од вечниот град да патуваш до Константинопол, а сосема друго од Струга до Сарагаското Море“, нагласи Стефановски.
Навраќајќи се на почетоците на создавање на фестивалот кој само за неколку години станал светска поетска манифестација, подвлече дека некогашната реченица „сите патишта водат во Рим“ уште кон крајот на шеесеттите години на минатиот век била пресликана во модифицираното значење дека за поетите од сите меридијани во последната недела од август „сите патишта водат во Струга“.
Во овој живот полн со предизвици, поезијата е чувствотворност што нè разликува во оваа ера на бесчувствителна роботизација, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на отворањето на 62. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата, што од денеска до 27 август ќе се одржува во Струга.
Годинашен добитник на највисокото признание „Златен венец“ е македонскиот поет, писател и книжевник, академик Влада Урошевиќ. Тој денеска традиционално, во присуство на македонските и странските поети засади дрво во паркот на поезијата во Струга и изрази задоволство што ја има честа и неговото дрво да се најде во леата со светските поетски великани.
Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка меѓу две фестивалски изданија ја доби Димитар Башевски за збирката „Дни, години“, а „Мостови на Струга“ ирскиот поет Гевин Бредли.
Струга, градот на поезијата, наредните неколку дена ќе пулсира во духот на пишаниот збор, каде повеќе од 60 поети од земјава и странство ќе читаат поезија на своите јазици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.