Публиката на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“  имаше можност да ужива во класична музика од современи композитори преку прекрасната изведба на членовите на камерниот ансамбл „Нов здив“, составен од уметници од Македонската филхармонија и под диригентската палка на францускиот диригент Паскал Галоа.

Во Република Македонија не постојат  многу состави кои се длабински посветени на класичната музика создадена од поновата генерација композитори. Токму оттука, како што вели  виолончелистот Паскал Краповски, се роди и идејата за формирање на камерниот ансамбл „Нов здив“.

Минатата година  на средба со диригентот Паскал Галоа и композиторот  Панде Шахов се  роди  идејата за остварување нов ансамбл за современа музика под раководство на маестро Галоа со која би можеле да се етаблираме на европската сцена на модерни камерни ансамбли. Отворени сме  за секаква посветеност кон класичната музика без разлика на тоа од кој период датира, доцен 20-ти или 21 век. Се разбира, ние свириме и Бетовен и Брамс, но имаме простор да се изразиме таму каде што има повеќе простор за изразување. На Германците не можеме да им го  контрираме Бетовен зашто е нивни, но можеме да се претставиме преку современата  музика во која спаѓаат и македонски композитори  од помладата или последната генерација етаблирани композитори, вели Краповски.

Францускиот диригент Паскал Галоа кој негува голем ентузијазам  кон новата музика, активно работи како  диригент со бројни  ансамбли и оркестри во светот.

Чест ми беше со публиката на фестивалот да ги споделам извонредните композитори како Шенберг и Веберн. Во овој проект имавме и  дело од Валентина  Трајановска кое претставуваше еден вид на мост помеѓу двете школи на современата музика на 20 и 21 век. Овие мостови се многу значајни бидејќи 19 век го означувал романтизмот и Шенберг може да се смета како последен композитор од романтизмот. Горди сме на проектот и нестрпливи да го прикажеме низ Европа, вели маестро Галоа.

На вчерашниот концерт беше изведено делото за соло сопран, кларинет, виолина, виолончело и ударни инструменти од Валентина Велковска-Трајановска, „Омен“, а настапи македонската сопранистка Гонце-Богоромова-Краповски.

Чест, задоволство и привилегија е да се биде на подиумот во „Света Софија“ и на „Охридско лето“ заедно со маестро Галоа и со музичарите од Македонска филхармонија. Ова е прв мој солистички настап на „Охридско лето“, истакна  Богоромова-Краповски.

Македонската Филхармонија, најстариот и единствен симфониски оркестар во Македонија е столб на македонската музичка сцена скоро осум децении. Нејзиниот постојан квалитативен раст, негување на широк репертоар од светската класична музичка литература како и светски премиери на дела од современи автори, оживувајќи ги со особена гордост и делата на македонските музички творци. Со подмладувањето на оркестарот во последнава декада особено, Македонската Филхармонија внесува елан и работи со силен ентузијазам, а со тоа создава простор за зародиш на нови камерни амсамбли и формации, како и за возобновување на долгогодишните добро познати камерни состави.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.