Под мотото  „Приказните зад музиката“ во Кинотеката на Македонија, вчера почна 9. издание на Скопје Синема Сити,  единствениот филмски фестивал кај нас, посветен на музичките документарни филмови.

Фестивалот.кој по деветти пат и оддава почит на синергијата меѓу музиката и филмот, годинава во својата програма вклучува изложба и три исклучителни документарни филмови посветени на творештвото на едни од највлијателни фигури во историјата на музиката, неповторливите Леонард Коен и Френк Запа како и за нашата антологиска музичка група „Леб и сол“.

Фестивалот беше отворен синоќа во фоајето на Кинотеката со групна изложба на музички фотографии насловена „5х10“. Имено, станува збор за избор од по 5 фотографии на 5 истакнати македонски фотографи кој посветено повеќе од две децении фотографирале на концерти и музички фестивали. Публиката има можност да види фотографии на Маја Аргакијева, Огнен Ацевски, Роберт Атанасовски, Зденко Петровски и Стефан Рајхл.

Ова се луѓето кои додека ние гледаме концерт, ја документираат музиката. Перспективата на секој фотограф е тоа што ја прави особена оваа изложба, рече Ана Василевска.

За изложбата говореше фотографот Александар Кондев, кој рече дека за ваква фотографија истовремено треба да бидеш и фотограф и вљубеник во музиката.

Изненаден сум од високото ниво на фотографии на овие мои колеги. Им честитам на сите и драго ми е што во Скопје имаме вакви добри автори. Ние уживаме додека фотографираме, а кога ќе ја прикажеме фотографијата таа веќе станува историја, рече Кондев.

По изложбата, следуваше проекцијата на види  „Алелуја: Леонард Коен, патешествие, песната“ (2002) , филм создаден за песната на Леонард Коен која од отфрлен албум во 80-тите, по чудни околности, ќе стане една од најизведуваните песни на сите времиња. Ова е приказната за животот на песната  „Hallelujah“ и сите музичари кои ја изведувале, од Коен до Џеф Бакли.

Фестивалот кој традиционално доделува Награда за животно дело за успеси на полето на филмот и музиката,  годинава ќе му ја додели на Џијан Емин, за неговите достигнувања во светот на филмската музика.

Џијан со целокупниот негов труд и со сето она што ни го даде низ годиниве сметаме дека во вистинскиот миг ја добива оваа награда, рече Василевска.

Претходни лауреати во изминатите години, меѓу останатите, беа Руичи Сакамото, New Order, Ник Кејв.

Џијан Емин е мајстор композитор чија кариера имав среќа да ја следам веќе 20 години, почнувајќи од „Проџект Жлуст“, преку соработките со Кирил Џајковски, со „Фејмс“… Ми претставува голема чест што годинава тој е лауреат на нашата награда. Фестивалот ги промовира сите вредности што музиката ги нуди. Џијан има богата активна кариера, неговите вредности се покажани и ова е знак на почит кон неговото дело, рече Ненад Георгиевски, основач на Фестивалот „Скопје синема сити“.

Заблагодарувајќи се на доделеното признание, Емин рече дека „ му е особена чест и задоволство што добива ваква награда и што е дел од импресивната листа на добитници на Награда за животно дело за успеси на полето на филмот и музиката, што ја доделува фестивалот „Скопје синема сити“: Ник Кејв, Дејвид Боуви, Руичи Сакамото.

Возбуден сум и пријатно изненаден. Сите успеси сум ги реализирал заедно со моите соработници со кои работам цел живот, па може оваа награда да биде заедничка на сите нас, рече Емин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.