Утревечер (сабота, 17 септември) завршува 25-тото јубилејно издание на Скопје филм фестивал. Во Кинотека ќе бидат прикажани филмовите „Едно убаво утро“ на режисерката Миа Хансен -Лов (20 часот) од програмата Фокус на европски филм и најновиот филм на Гаспар Ное „Врлог“ (22 часот) од програмата Авторски филм.
Миленичката на фестивалите, режисерката Миа Хансен-Лов се враќа пред филмската публика со длабоко впечатлива хроника за жена што е преплавена со своите обврски како мајка, ќерка, работничка и љубовница. Со повеќеслојната изведба на Леа Сејду, „Едно убаво утро“ фрла светлина на чудата и турбуленциите на секојдневниот живот. Впечатливата елеганција на пристапот на режисерката произлегува од нејзината доверба во целосно развиените ликови и од одбивањето да внесе вештачка драма во настаните од нивниот живот. Леа Сејду е ретка француска ѕвезда што лесно минува од холивудски блокбастери (серијалот за Џејмс Бонд), во смели интернационални дела („Јастог“, „Злосторства на иднината“ на Кроненберг) и најдобрите француски филмови е неверојатно реалистична во главната улога.
„Вртлог“ е приказна за двајца партнери што живеат во блиски, но одделни, паралелни светови, борејќи се со староста и деменцијата. Додека талкаат низ тесниот стан преполн со мебел, мора да се помират со мислите за смртта и за крајот што ги чека набрзо. Мрачната перспектива и очајот стануваат дел од приказната, а двојката, во изведба на Дарио Арџенто и Франсоаз Лебрун, гледа како нивната поврзаност полека се распаѓа додека болеста напредува. Гаспар Ное решил да ја прикаже изолираноста на деменцијата снимајќи го целиот филм на поделен екран, мајсторско решение што нуди автентичност како „еден ден во животот“, со бавна тензија и возбудлива филозофска горчина. Поделениот екран станува визуелна метафора за начинот на кој деменцијата ја еродира способноста на човекот да комуницира со своите сакани. За да им даде што е можно повеќе простор, Гаспар Ное решава да снима со две рачни камери што ги следат главните ликови, што полека води до моќна кулминација. Филмско искуство што бара внимание и посветеност на големиот екран, „Вртлог“ е ремек-дело и можеби е најдобриот и најчувствителен филм на Гаспар Ное досега.
Во рамки на програмата на Скопје филм фестивал, вчера (четврток, 15 септември) се одржа промоцијата на збирката реценции на филмската критичарка Сунчица Уневска „Дух во школка“.
Во разговорот со режисерката Лидија Мојсовска, таа рече дека за насловот на книгата се инспирирала од јапонски филм за машините наспроти духот, како и од универзалното и безвремено значење на школката како древен симболички објект. Во книгата се поместени 64 рецензии, а Уневска истакна дека имала намера да се осврне на филмските дела на еден поинаков, есеистички начин, потпирајќи се на повеќе на темите, отколку на техничките и занаетските елементи на филмот, обидувајќи се на аналитички и безвремен начин да проговори за она со кое човекот отсекогаш е преокупиран, но сето тоа испреплетено и со актуелните теми што се обележје на денешното живеење. Книгата е издание на „Аквариус“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.