Годинава, Галичката свадба ќе има малку поместен датум, а поради неодржувањето на претходните години, ќе се венчаат повеќе парови.

Од 15 до 17 јули во живописниот Галичник, на падините на планината Бистра, ќе се одржи 48. издание на автентичната културно-сценска манифестација „Галичка свадба”. За галички зет и невеста оваа година се избрани Илчо Димитров и Елена Дуровска, а карактеристично за годинешната манифестација е што покрај нив, во црквата „Свети Апостол Павле” во ист ден ќе бидат венчани и Искра Блажевска и Марко Бекриќ, додека Марија Крстевска и Владимир Черепналковски ќе го кажат судбоносното „да” во Галичник на 28 август.

Програмата на годинешната Галичка свадба започнува на 15 јули вечерта, со јубилеен концерт посветен на великанот на народната песна Александар Сариевски, кој родум е токму од Галичник, а годинава се навршуваат 100 години од неговото раѓање и 20 години од неговата смрт.

Инаку, годинешниот галички зет Илчо Димитров во текот на свеченостите ќе ја носи личната народна носија на легендарниот Александар Сариевски.

Свадбените активности, пак, традиционално ќе почнат в сабота, 16 јули, со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање три пушки” од куќата на зетот. Потоа ќе бидат изведени свадбарските ритуали – „пречек на топаните”, свекрвата ќе го одигра свекрвиното оро. Свадбата нема да помине без „Тешкото” и „Невестинското”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.