Културното наследство прикажано на македонските банкноти ќе им биде претставено на странските универзитети на коишто се изучува македонистиката. Странските македонисти ќе можат да се запознаат и со најзначајните парични изданија произведувани на територијата на современата македонска држава коишто се дел од најголемата нумизматичка збирка во државата. Во сите странски образовни и научни центри коишто ќе покажат интерес ќе може да се одржат предавања и интерактивни презентации за македонските пари и за културното наследство, од почетокот на претстојната академска година.

Ова беше договорено на состанокот на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, одржан по отворањето на изложбата „В/редности и вредности“ на Музејот на Народната банка.

Покрај остварувањето на своите основни цели и задачи, Народната банка, повеќе од две децении вложува и во зачувувањето и афирмацијата на културното наследство. Наша определба е да го претставиме нумизматичкиот музејски материјал од нашата збирка и културното наследство коешто е пресликано на банкнотите и пред странската јавност. Затоа е важно што преку оваа соработка, културното наследство ќе биде претставено и пред новите генерации странски македонисти и слависти, – истакна, меѓу другото, гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска.

Директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Мојсова-Чепишевска посочи дека во странските образовни и научни центри во коишто се изучува македонистиката има зголемен интерес за македонската култура.

Затоа, наша цел во следниов период е за сите центри да обезбедиме што повеќе материјали коишто ќе овозможат повеќе културолошки проучувања и поголема запознатост со македонската култура. Со тоа би обезбедиле услови да бидат опфатени повеќе сегменти од македонската култура и во предметните програми. Драго ни е што сега, во годината кога одбележуваме 30 години монетарна самостојност, во рамките на нашата мисија за афирмација и на македонската култура ќе бидат вклучени и македонските пари и културното наследство коешто го претставува Народната банка, нагласи Мојсова-Чепишевска.

На состанокот беше договорено да се обезбедат материјали за културното наследство прикажано на македонските банкноти и за нумизматичкиот музејски материјал од територијата на нашата држава за сите странски универзитети на коишто се изучува македонистиката.

Ангеловска-Бежоска и Мојсова-Чепишевска изразија заемно задоволство од ваквата форма на соработка, напоменувајќи дека со неа се постигнува долгорочен ефект во афирмацијата на македонската култура.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.