Во ноември минатата година историчарката на уметност Бојана Јанева ги почна кураторските прошетки по музеите низ Скопје насловени како „Најново нормално“. Турите се одвиваа за време на викенд, а почнаа со едукативна прошетка низ изложбата на Музејот на современа уметност, а продолжија во објектот на Националната галерија, Даут пашин амам. Деновиве интензивно ја подготвува дигитализацијата на понуда со специјализирани едукативни тури на македонски и англиски јазик. Понудата содржи Современо СКП, Бруталистичко СКП и Византиско СКП.
Јанева е историчарка на уметност која магистрирала на Универзитетот Мастрихт, Холандија на Уметност и наследство: културни политики, менаџмент и едукација. Зад себе има долгогодишно искуство како историчар на уметноста, 20-годишното искуство како лиценциран туристички водич, кустос во Едукативното одделение во Музејот на современата уметност; независен куратор на бројни изложби…
Во „Најново нормално“ се споени моите три најголеми идентитетски љубови, Скопје со неговото минато и сегашност, пасијата кон уметноста и непосредно поврзување со луѓето кои ги запознавам, вели Јанева во интерву за „Република“.
Прошетките кои Јанева ги организираше изминатиот период предизвикаа големо интересирање во јавноста, посебно за граѓаните кои преку неделата немаат време за посета на изложби. Нејзините прошетки по актуелните изложби секогаш се полни со приказни кои не сте ги чуле никогаш, информации кои нема да ги најдете во каталогот на изложбата, а пристапот е непосреден.
Лани во ноември ги почнавте кураторските прошетки по музеите во Скопје насловени како „Најново нормално“. Почнавте со Музеј на современа уметност, продолживте со Националаната галерија Даут Пашин амам. Каков е вашиот впечаток по неколку одржани тури?
ЈАНЕВА: Реализирањето на културно-едукативните посети „Најново нормално“ во Музејот на современата уметност и Националната галерија во изминатиов период навистина беа успешни, според мене најмногу заради интересот на пошироката публика, не само на оние кои редовно ги посетуваат изложбите. Музејот на современата уметност понуди светски значајни уметнички имиња кои третираа прашања од нашето блиско минато, додека во Даут пашин амам со мојата понуда на „Сонот на Ташковски“ за деца од 6 до 16 години, само се приклучив на големиот „бум“ од посетеност која ретроспективата на овој автор ја предизвика. Мојот впечаток од реакциите на публиката е неизмерлив, преплавена бев со емоции дека тоа што го работам допира на вистински начин до нив. Особено од децата, кои не знаат да скријат чувства и автентичен интерес.
За прошетките низ музеите веќе има голем интерес, посебно што досега вакво нешто не му било понудено на градот. Како дојдојвте до идејата да ги организирате?
ЈАНЕВА: Во „Најново нормално“ организираните посети на изложби за сите, се споени моите три најголеми идентитетски љубови, Скопје со неговото минато и сегашност, пасијата кон уметноста и непосредно поврзување со луѓето кои ги запознавам.
Секако, дека и долгогодишното и шаренолико искуство како историчар на уметноста, 20-годишното искуство како лиценциран туристички водич, кустос во Едукативното одделение во Музејот на современата уметност; независен куратор на бројни изложби, потоа професурата по современа уметност во АХСС Гимназија и Демонстратор на византиска уметност на Факултетот за Историја на уметноста во минатото е дел од мозаикот на „Најново нормално“ иницијативата. Односно, сето мое досегашно професионално вложување водеше до осмислување на ваква културна понуда која не постои во градов. А, и многу храброст, би додала, храброст да си признаам најпрвин себе си дека можам, освен што сакам, да им го разубавам денот со доближување на уметноста на граѓаните. За овој процес на охрабрување, бескрајно сум им благодарна и на луѓето околу мене, кои ме подржуваа кога им ја раскажував идејата додека ми беше се уште во зародиш.
Како тече соработката со културните установи?
ЈАНЕВА: Најдобро што може. Јас сум благодарна пред се на Директорките Мира Гаќина и Дита Старова-Ќерими, но и на вработените во двете установи, за укажаната доверба и афирмирање на моите „најново нормални“ организирани посети, кои препознаа дека со мојата работа добиваат дополнителна афирмација и покажуваат отвореност кон иницијативи од независниот сектор, бидејќи турите се организирани преку Институтот за култура и уметност „Арс акта“ чиј ко-основач сум од 2012 година.
Нескриените позитивни реакции од посетителите за „најново нормално“ во Музејот на современата и Националната галерија сведочат за одличниот прием од страна на возрасната и детската публика. Секогаш пред да зборувам за изложбите акцентот го ставам на значењето на овие културни жаришта, со цел на луѓето, децата да им се врежи локацијата како место кое ни припаѓа на сите нам, а и место каде можат да научат нови работи, освен да уживаат во уметноста.
Изложбата на Васко Ташковски во Националната галерија Даум Пашин амам ги собори рекордите на посетеност, а вие токму преку светот на Ташковски избравте да им ја доближите уметноста на децата. Како реагираа на изложбата? Какви се впечатпците кои тие ги имаат и кои ги пренесуваат?
ЈАНЕВА: Неверојатен беше одѕивот на „Сонот на Ташковски“. Турите беа вешто планирани и организирани со НГМ, со помош на Агнеса Чаволи, која преведуваше на албански за албанските дечиња кои беа дел од турите. Поделбата според возраста, на групи за деца од 6 до 11 и од 12 до 16 се покажа одлична, бидејќи сосема беше поинаков пристапот кон анализирање на надредалните дела на Ташковски. Родителите, како и децата ги преполнија моите социјални мрежи со нивни креации или реакции од едукативната прошетка со мене. За крај, воведов и дополнителни две недели, каде водев приватни тури за фамилии кои се уште не се мешаат со други семејства и две посети од градинки со деца од 4 до 6 години.
Како историчар на уметност и огромно искуство зошто сметате дека се потребни вакви тури?
ЈАНЕВА: На градов, на сите нам ни е потребно нешто ново во секојдневието, особено сега, во пандемиски услови кога движењето ни е ограничено. Уметноста освен што е мој професионален избор, исто така во текот на целиот мој живот била извор и на смирување, односно ми давала чувство дека не сум сама со своите тешкотии, туку дека сите поминуваме низ животни искушенија и можеме да ги надминеме. Уметноста делува не само на нашите сетила, туку многу поважно ни помага да се себеспознаеме, себе-доживееме од поинаква перпсектива.
Мене ми е целта со најново нормално луѓето што живеат тука да се почуствуваат посебно, добро во своја кожа, да бидат горди на нашата историја, нашите дострели како општество, да научат нешто ново и да уживаат во квалитетно поминато време.
Со оглед дека имате искуство и како туристички водич, дали размислувате прошетките од Најново нормално да ги изнесете надвор од Скопје, низ Републиката?
ЈАНЕВА: Навистина ја погодивте насоката на движење за ширење на најново нормално иницијативите. Всушност, деновиве интензивно ја подготвувам дигитализацијата на понуда со специјализирани едукативни тури на македонски и англиски јазик. Понудата содржи Современо СКП, Бруталистичко СКП и Византиско СКП, трите области на истражувања и досегашното искуство како историчар на уметноста и туристички водич. Почнувам оттука, бидејќи сè уште го испитувам интересот на граѓаните, но, крајната цел ми е истава понуда на културно-едукативни тури да ја проширам и на територијата на целата земја.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.