Со голема изложба на сите дела изработени изминативе десетина дена во Богданци, синоќа заврши годинашната 15. јубилејна Графичка работилница.
Изложбата во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци е заокружување на традиционалната работилница, која од самиот почеток се одржува во печатницата „Софија“.
Годинава тука престојуваа 18 студентите од завршните години од додипломските и постдипломските студии на факултетите и академиите за уметност од Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Македонија. Нивното учество на Графичката работилница е награда за постигнатиот успех за време на студиите, затоа што тие доаѓаат по препорака токму на своите професори.
Со години слушам од моите студенти силни впечатоци за тоа како се работи тука, на Графичката работилница во Богданци. Среќен сум што сум ментор токму на јубилејното издание и што лично се уверив во значењето на овој центар – подвлече проф. Јохан Јотов од Националната академија за ликовни уметности во Софија.
Младите графичари работеа во сите класични графички техники: висок печат, длабок печат, рамен печат, пропустен печат, со што уште еднаш се потврди дека Работилница е меѓународен центар во кој се следат современите тенденции во регионалната, но и европската графичка уметност.
Работилницата е едно од најзначајните нешта во целиот мој работен век, нешто на што сум особено горд, бидејќи опстојува цели 15 години – истакна на синоќешната изложба проф. Костадин Танчев Динка, претседател на Советот на Здружението „Графичка работилница“.
Во Боданци, во изминативе 15 години гостувале ментори од сите значајни академски центри од регионот, а твореле повеќе од 200 уметници, кои оставиле фонд од околу 500 дела.
Завршната изложба на Графичката работилница традиционално се одржува во Домот на културата и тоа дава силен печат на нашиот град – истакна директорот на Домот, Бранко Сапламаев.
Претседателот на здружението „Графичка работилница – Софија“, Виктор Семенпеев на учесниците им додели благодарници и мапа со дела изработени од нив самите. Секој графичар доби траен спомен – збирка графики од своите колеги, со кои заедно создаваа.
Во знак на благодарност за соработката, графика доби и градоначалникот на Богданци Блашко Шапов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.