Со музичкото драмско дело/рап-перформансот „Црнила ремикс“, вечер во 21 часот ќе биде отворена летната сцена „Славиша Кајевски“ на Македонскиот народен театар (МНТ). Режисер на ова современо читање на драмското дело „Црнила“ од Коле Чашуле, е Јордан Симонов кој заедно со Дарко Димитриевски и Павле Димковски од рап-колективот „Зад аголот” го поставија овој проект во современ.

Актерската екипа ја сочинуваат Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски – колектив „Зад аголот“.

Ова оригинално сценско дело има настапувано на повеќе домашни и меѓународни фестивали меѓу кои и на „Егзит“, а за најдобра употреба на музика ја доби наградата на меѓународниот театарски фестивал за џез „Нишвил“ во Србија. Претставата е во продукција на МКЦ.

Како што најавија од МНТ, во музичкиот дел од програмата, публиката ќе ја забавуваат „Игор Џамбазов и Гуру Харе Бенд“, „Пијан Славеј“, „The Ringtones“, „LD Pistolero и Dj Goce feat. R.O.Ν.Ι.Ν“, како и други популарни домашни диџеи. Исто така ќе настапи и Националниот џез-оркестар, со изведби на композициите од „Битлси“.

Покрај изведбите на нашите претстави „Мој термин“, „Кец на десетка“, „Не се клади на Енглези“, ќе гостуваат и претстави од другите театри од државата, како и стендапот „Широк дијафазон“ со Сашко Коцев.

Од МНТ најавија дека на 20 септември ќе се одигра комедијата „Вечера за глупаци“ во продукција на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес. Претставата е работена по текст на Франсис Вебер, во режија на Ненад Витанов, а играат Фаик Мефаилоски, Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Талија Настова, Јордан Витанов, Кире Ацевски и Сандра Танчева.

На 30 септември ќе се одигра и дипломската претстава од ФДУ – Скопје, „Сакатиот од Инишман“ од Мартин Мекдона, во која ќе играат Михаил Велков, Наде Дојкоска, Ана Грамосли, Кире Ацевски, Филип Христовски, Гоце Андонов, Ана Јовановска, Виктор Мирчески, Ведран Чешарек и Катерина Јовановиќ од класата на проф. м-р Мими Таневска Србиновска и асс. м-р Ангелчо Илиевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.