На прес конференцијата за медиуми по повод преставата „Декамерон“ на режисерот Дејан Пројковски, режисерот и актерската екипа проговорија за соработката, инспирацијата и енергијата која ја споделиле во текот на подготовката на претставата.

Претставата е копродукција на Градско позориште Подгорица, Народно позориште Ниш и Барски љетопис, а во рамките на фестивалот „РУТА“ претставата ќе биде изведена вечерва во 20 часот на сцената на Драмски театар Скопје.

Чумата коси низ Европа, милиони мртви, годината е 1348, нема лек, надеж, утеха, нема рационално промислување. Социјалната изолација е единствениот начин да се преживее (преживување). Бокачо сместува во изолација група млади луѓе, кои ќе ѝ се спротивстават на болеста со раскажување приказни, уживајќи во животот и во подарените мигови на среќа во апокалиптичното опкружување. Кога Бокачо тоа го направил, нема причина зошто и ние да не го направиме во театарското читање на „Декамерон“, со цел да се обидеме да ги побараме заедничките именители на нашето време и средновековна Фиренца. Неверојатно е колку од мотивите се преклопуваат, колку симиларии има, колку има непотребно механицистичко и насилно преведување во сегашноста. Хумористичниот пристап, иронијата и апсурдот се поетични средства кон кои прибегнавме со цел да го одбраниме Човекот пред Болеста, Догмата, Глупоста и манипулативните понижувања, велат тандемот Дејан Пројковски и Стеван Копривица.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, кој појасни дека се направени три идентични сценографии за изведбите во Црна Гора, Македонија и Ниш, така што во зависност од понатамошните изведби на претставата оној театар кој е најблиску ќе ја опслужува претставата во следните гостувања.
Костимите се на Марија Пупучевска. Таа рече дека го задржала современиот момент во костимографијата во комбинација средновековните елементи и дека актерите ги чувствувале како сопствена кожа.

Композитор: Горан Трајковски, сценски движења и кореографија: Тамара Вујошевиќ – Мандиќ
корепетитор: Рената Перазиќ, асистент на режија: Бранка Кнежевиќ, асистент на драматург: Сашо Димоски, дизајн на промотивен материјал: Ена Вучковиќ.

Актерската екипа ја сочинуваат актери од помладата и постарата генерација кои беа едногласни дека соработката течела одлично, и дека за помладите ова било огромен предизвик и задоволство да се работи со Пројковски и постарите колеги, а постарите, пак, подвлекоа дека црпеле енергија од своите помлади колеги.

Улогите ги толкуваат: Милош Пејовиќ, Сања Крстовиќ, Омар Бајрамспахиќ, Вања Јовиќевиќ, Душан Ковачевиќ, Маја Вукојевиќ – Цветковиќ, Павле Поповиќ, Евгенија Станковиќ, Уна Лучиќ
Стефан Вуковиќ, Драгана Јовановиќ, Лара Драговиќ и Драгиша Вељковиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.