„Снежана на крајот умира“ е филм за добрината, заборавивме да бидеме добри со луѓето околу нас, вели режисерот Кристијан Ристески, чиј дебитантски долгометражен филм вечерва го затвора 43. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

„Снежана на крајот умира“ имаше светска премиера во јануари, на фестивалот Слемденс во САД. Продукцијата е на „Вертиго визуал“, а продуцент е Дарко Попов. Играат Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Ивица Димитријевиќ, Денис Абдула, Тино Костадиновски и Давид Јанакиев.

По сценарио на Ристески, филмот раскажува за седум луѓе кои живеат во време кога се во конфликт со нивните вредности.

Нешто што ми пречи последниве години во нашето општество, а мислам дека тоа е и глобално прашање, заборавивме да бидеме добри со луѓето околу нас, со другите живи суштества, дури да бидеме добри со самите себе и за себе. Некако ми се чини дека филмот е за неколку луѓе кои успеваат да останат добри, да се заштитат од оваа морална катастрофа што се случува околу нас и успеале да си направат некаква оаза на добрината, по доста висока цена која ја плаќаат во останатите аспекти на нивниот живот, рече режисерот Ристески.

Тој посочи дека филмот добил финансиски сретства во 2017 година од Агенцијата за филм, во текот на развојот бил селектиран во два програми за развој на сценарио, истовремено бил селектиран на два маркети и откако завршиле груба монтажа биле селектирани на три воркинг прогрес програми на филмските фестивали во Карлови Вари, Софија и Рим. Подоцна добиле средства и од Министерството за култура на Кипар, така започнала копродукцијата.

Директори на фотографија се Димо Попов и Севдије Кастрати.

Ова беше еден од моите омилени проекти на кои работев, бидејќи беше една мошне емотивна поетична приказна, секако поради тимот и режисерот Кристијан Ристески кој ми е добар пријател. Ви благодарам што ќе го гледате филмот, се надевам ќе ви се допадне, рече Димо Попов, кој е киноматорафер на филмовите „Панкот не е мртов“, „Три дена во септември“, „Година на мајмунот“, „Ефектот на среќата“….

Тој поради работни обврски, во моментов снима во Момбај, не беше во можност да присуствува на денешната прес конференција, но се вклучи онлајн.

Севдије Кастрати е исто така кинематограферка на филмот, позната е по многу филмови, последен во низата е „Вера сонува за морето“, но и филмовите „Брак“, „Отворена врата“ итн.

Севдије ги сними сите ноќни сцени, а Димо дневните сцени, така што мислам дека тие беа идеална комбинација, бидејќи не можеше ниту едниот ниту другиот да го направи цел филм. Стилот го договоривме сите заедно и воопшто не се забележа дека работеле двајца кинематографери. Доследни беа и едниот и другиот во своите делови, рече Ристески.

Дарко Попов е продуцент на филмот, вклучен е од самиот почеток во проектот.

Филмот почнува да се рекламира на маркетот на филмскиот фестивал во Торонто, веќе имаме агент за продажба, а во македонските кина ќе почне да се прикажува од 6 октомври, најпрвин во скопските кино сали, а потоа и низ цела држава, рече Попов.

Животите на еден самотник што уште живее со родителите, лице со Аспергеров синдром, вработен во видео-клуб, момче од маркетинг агенција, маалски филозоф и гинеколог се испреплетени во три откачени приказни за љубовта, пријателството и посветеноста.

Откако ја видов премиерата на филмот сфатив дека станува збор за комедија. Додека снимавме, Кристијан работеше со нас како да снимаме драма, рече Валентин Костадиновски-Тино.

Дениз Абдула е веќе препознатлив актер и во регионот и рече дека нема некоја голема разлика во поглед на работата со режисерите од регионот.

Во овој филм успеваме да извлечеме посветеност и работа во текот на цело време. Како актери во секоја работа се посветуваме максимално. Сметам дека имаме квалитетни режисери и во областа на филмот сме многу понапред од останатите држави во регионот и тоа е видливо, рече Абдула.

Ивица Димитријевиќ има искуство од двете страни на камерата и ги сподели впечатоците од снимањето на „Снежана на крајот умира“.

Не е важно на која страна од камерата се наоѓаш, туку е важно да си ја сфатиш одговорноста на твојата улога. Сите учесници треба да бидат сериозни и одговорни, а тоа беше случај при снимањето овој филм. Уште од самиот почеток кога отидов на кастинг почувствував дека крајниот резултат ќе биде добар. Имавме одлична соработка, а имавме и проби, нешто што не се практикува многу често кај нас и потоа се одеше мазно и лесно. Осумнаесет снимачки денови поминаа без никакви проблеми. Иако сцените во кои јас учествувам се позахтевни, со добра подготовка и добра мисла се постигнува се, рече Димитријевиќ, кој се заблагодари на ИФФК „Браќа Манаки“ за прикажувањето на филмот.

На актерот Давид Јанакиев ова му е дебитантско појавување во долгометражен филм, толкува лик со нарушување од аутистичен спектар и тој проговори за методот на кој успеал да ја долови улогата.

Уште бев во училиште кога бев информиран дека сум ја добил улогата, не бев свесен, но најпрво се зафатив со психологијата на лицата со нарушување од аутистичен спектар, еден месец читав за тоа, гледав документарни филмови. Сите техники кои ги изучуваме на училиште се исти и потекнуваат од Станиславски, така што сепак сметам дека најважно е што ќе успееш да извлечеш сам од себе, рече Јанакиев.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.