Сместувањето на новоформираната национална установа „Оркестар за џез музика“ во објектот на Филхармонија е несоодветно и ќе направи повеќе штета, отколку полза, реагираат вработените во писмо испратено до медиумите. Тие велат дека не се против колегите и постоењето на овој оркестар, дури и сметаат дека треба да ги поддржат во нивните напори да го добијат заслуженото место, но не можат да ја прифатат одлуката оваа ново формирана институција да биде сместена и да функционира во нивниот објект.
Вкупно 108 вработени во Филхармонија потпишале петиција која освен до меидумите, ја испратиле и до министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и Претседателот на Владата со цел промена на одлуката за вдомување на Џез оркестарот во просториите на Филхармонија.
Пред една недела веста дека Владата донела одлука за формирање на нова НУ Оркестар за џез музика нè затече сите нас. Иако ја поздравуваме одлуката бидејќи сметаме дека истата ќе придонесе за развој на културниот живот во државата, решението оваа новоформирана институција да биде сместена во објектот на Филхармонијата е целосно несоодветно и истото ќе направи повеќе штета отколку полза.
Како вработени во Филхармонија би сакале да ја изразиме нашата загриженост за функционирањето на институцијата и да укажеме на тоа дека во објектот на филхармонијата (која што е нашиот втор дом), не е возможно паралелно да работат две институции, односно два различни субјекти, велат вработените во Филхармонија.
Објаснуваат дека концертната сала и целиот објект е замислен, конципиран и изграден исклучиво наменски и според потребите на севкупното функционирање на НУ Македонска филхармонија. Ова се однесува пред се на оркестарот на Македонска филхармонија чии членови/вработени ги извршуваат своите работни задачи така што одржуваат редовни проби и концерти во двете сали (големата и малата сцена) кои се наоѓаат во објектот. Исто така, музичарите вработени во филхармонијата голем дел од работните часови ги поминуваат и во индивидуална и групна работа во одделните соби во објектот наменети за оваа цел.
Во објектот има точен број на соби за вежбање, кои се направени со прецизни акустички мерења за секоја група на инструменти одделно. (На пр. во собата за контрабаси, волуменот, квадратурата и акустиката е соодветна исклучиво за оваа група, не би можеле и не е соодветно оваа група на инструменти да ја сместите во собата за флејти, која што пак е направена специфично за оваа група, според потребата на групата, бројот на членови, и изработена со различна квадратура, акустика и волумен) и така за секоја група поединечно. Покрај собите за вежбање, имаат и 4 гардероби (2 женски и 2 машки) чиј просторен капацитет е целосно исполнет согласно бројот на вработени во оркестарот.
Вработените во Филхармонија велат дека капацитетот на просториите во кои се сместени администрацијата и техничката служба, е целосно исполнет. Во објектот има и нототека, која тековно се пополнува со нотна литература и веќе кубури со простор, како и студио за снимање, за чии потреби беше пренаменета една од просториите за вежбање. Постои и кафетерија која што е дадена на користење, а која според проектот треба да се користи за цели на вработените и гостите на институцијата, а сегашната намена воопшто не соодветствува со првичната намена на истата. Тука се големата и камерната сала на филхармонијата, кои што се користат за она што се наменети, односно за симфониски и камерни концерти.
Со сето ова погоре напишано сакаме да ја искажеме нашата загриженост од информацијата дека ние, институција која 70 години се бореше да добие сопствен простор, кој е проектиран исклучиво да ги задоволи потребите на еден модерен симфониски оркестар, треба да отстапиме простор на уште една институција, која што исто така треба да има простор за индивидуална работа, заедничка работа, административна служба, техничка служба, нототека, студио и сите други нешта кои се придружни на еден објект. Крајно сме загрижени дека буквалното „втурнување“ на уште еден оркестар, за кој сме среќни што постои и секогаш сме ја поддржувале нивната работа, сепак, ќе значи загрозување на интегритетот на македонската филхармонија од аспект на секојдневно функционирање на двата субјекти. Би сакале да нагласиме уште еднаш дека ние не сме против нашите колеги и постоењето на овој оркестар, дури и сметаме дека треба да ги поддржиме во нивните напори да си го добијат заслуженото место, но не би можеле да ја прифатиме одлуката оваа ново формирана институција да биде сместена и да функционира во нашиот објект, велат потпишаните во петицијата.
Вработените во Филхармонија потсетуваат на некогашниот џез оркестар во Македонската Телевизија кој за жал беше укинат. Тие велат дека во истата куќа сè уште постојат студијата кои се најсоодветни за еден ваков оркестар, кој ќе може да работи непречено и да си ги подготвува своите проекти. Веројатно би било и убаво да се возобнови традицијата на џез односно ревискиот оркестар кој постоеше и работеше во рамките на МТВ, повторно да се врати сјајот на студиото каде што некогаш твореа Шпато, Џамбазов, Пејовски…и многу други, додаваат во петицијата вработените во Филхамонија.
Постојат уште многу причини кои би можеле да ги наведеме зошто ние, вработените во Филхармонија, не се согласуваме со наметнатото решение за буквално присилно вселување на уште еден ансамбл во рамките на објектот. Сакаме јавноста да биде правилно информирана за она што во моментов се наметнува на Филхармонија и за нашиот обид да си го одбраниме интегритетот на институцијата. Тажно е што надлежните институции сакајќи да решат еден проблем произведуваат друг проблем од невидени размери кој може да остави долготрајни несакани последици, се вели во петицијата потпишана од 108 вработени во Филхармонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.