Со гласот на акткерот Славиша Кајевски како изговара реплики на ликовите од драмите во кои играше на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ), синоќа, пред многубројната публика беше отворена летната сцена која го носи неговото име.
Прерано починатиот Кајевски трагично го загуби животот на 39 години во декемврии 2021 година и беше дел од ансамблот на националаниот театар.
Оваа куќа е потешка од која било карпа, но последниот најмлад одронат камен нам ни даде искра, ни даде сила дека ништо не е попусто. Дека треба да одиме напред, сè посилно. Да, токму Славиша Каjевски мечтаеше за ваква сцена, за ваква публика, за ваква сплотеност. Затоа вечерва сме тука собрани, во негова чест, да отвориме нови видици, нови врати и да не забораваме, кажа синоќа на отворањето на летната сцена „Славиша Кајевски“ Никола Кимовски, в.д. директор на МНТ.
Членови на семејството на Кајевски, роднини, пријатели, актери од неговата генерација, гости од други театари, режисери, филмаџии, музичари, пристуваа на терасата на националниот театар каде што е сместена летната сцена.
Благодариме на довербата на овој простор да создадеме нов свет за нас и за идните генерации. Ова културно поле, ова прекрасно плато на МНТ долги години беше празно. Затоа сме овде да посадиме семе, семе кое ќе инспирира да продожиме напред во животот. Мојата огромна заложба ќе биде ова семе, оваа летна сцена, да пушти корени и да биде нов културен простор за нашата публика и воедно и значаен пример како треба меѓусебно да се вреднуваме и да се почитуваме, кажа Кимовски.
В.д. директорот нан МНТ кажа дека негова мисија е националниот театар секогаш да биде отворен, флексибилен, инклузивен, разновиден, светска класа на театар, театар за секого.
Понекогаш помислувам дека тоа е единственото нешто што е навистина важно. Да си дозволиме едни со други да се разбереме и да се потсетиме дека сите заедно сме на ист пат и сите се стремиме кон истата цел за која верувам дека ја имале сите останати големи театарски имиња што оставиле значаен печат во историјата, културата и уметноста во нашата држава. Силно верувам дека сме подготовени за ова наше заедничко патување кое ќе остави длабока трага во нашата театарска и културна традиција, рече синоќа Кимовски.
На отворањето беше изведена музичко-драмската претстава „Црнила ремикс” во продукција на Младински културен центар (МКЦ). Режисер на ова современо читање на драмското дело на Коле Чашуле е Јордан Симонов кој работеше заедно со Дарко Димитриевски и Павле Димковски од рап-колективот „Зад аголот”. Во претставата играат: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски – колектив „Зад аголот“.
Летната сцена ќе работи до први октомври, а на програмата се претстави од МНТ и од други театри, но и музички и настапи на диџеи. Во случај на невреме, содржините нема да се откажуваат туку ќе се изведуваат во театарот. Вечерва од 21 часот е стенд ап шоуто на Сашко Коцев „Широк дијафазон“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.