Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) изразува незадоволство од непочитувањето на договорот од страна на Министерството за финансии и Министерството за култура за покачување на платите на културните работници.
Иако пред четири месеци, Министерството за финансии најави дека во културата платите ќе бидат покачени со покачувањето на минималната плата заради заеднички договорената методологија за пресметка на плата и истото беше јавно потврдено од Министерката за култура пред неполн месец, сепак како наближува датумот за исполнување на обврските така започнува веќе виденото сценарио на притисок врз синдикатите и вработените да се откажат од нивното право во име на светска криза на повеќе нивоа, соопштуваат од СКРМ.
Според нив, овие денови Министерството за култура во јавноста искажува засилен наратив против вработените во институциите на културата и против синдикатите, целта на оваа активност е да се оправда во јавноста намерата на Министерството да го прекрши членот 65 од Колективниот договор за културата со кој се одредува основната бруто плата на вработените според методологијата: минимална бруто плата во државата помножена со коефициент на сложеност за секое работно место.
Од Синдикатот бараат почитување на Колективниот договор, бидејќи како што нагласуваат, основната функција на Министерството како институција е сервис на граѓаните, на институциите и на оние што ја создаваат и одржуваат културата. Од таму ги демантираат изјавите на Министерството дека сите културни установи не работеле за време на пандемијата, истакнувајќи дека 80 отсто од нив ја вршеле работата, а посочуваат и дека улогата на Министерството е да изврши соодветни санкции кон одговорните.
За оваа состојба најмалку се виновни вработените, туку проблемот тргнува од врвот. Ние како синдикат мислевме дека Министерството за култура ќе има доблест да го почитува договорот или ќе биде искрено на време за своите намери. Сега и навистина да има намера да го почитува Колективниот договор и да има само одложување од неколку месеци, тешко е дека членството ќе верува во тоа, децидни се од СКРМ.
Ова соопштение следи по јавната објава на Синдикатот каде се вели дека тие никогаш не апелирале кон кратење на средствата за капитални инвестиции и програмата за култура со цел да се обезбедат средства за почитување на одредбите од колективниот договор, како реакција на интервјуто на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска каде таа го изјавува спротивното.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.