Изложбата „Анатомија на муралот – Илинден  1903, Борко Лазески“ ќе биде отворена денеска во 19:30 часот во Музејот на македонската борба за самостојност. Изложбата се отвора во чест на 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на АСНОМ – темелникот на македонската државност, а содржи селекција од 24 скици и цртежи, изработени од Лазески, кои послужиле како план за монументалната фреска „Илинден 1903“. Тие за првпат ќе бидат претставени пред македонската публика.

Авторка е Марија Коробар, а изложбата се организира во соработка со Асоцијацијата за култура ИКОН од Скопје.

Делото е создадено во 1950 година и изложено на Есенскиот салон на Друштвото на македонски ликовни уметници, а истата година е поставено во Домот на ЈНА. Зградата на домот беше разурната во земјотресот од 1963 година, а фреската ‘Илинден 1903’ уништена. По неколку обиди да се обнови, конечно во 1991 година, Лазески ја реизведува фреската ‘Илинден 1903’ според оригиналните шеми, во Хотелот ‘Монтана’ во Крушево каде се наоѓа и денес, велат од Музејот.

Лазески (1917-1993) е македонски ликовен уметник кој се смета за предвесник на првата повоена генерација на академски образувани уметници во Македонија. Во 1933/34 година Лазески се запишал  на Ликовната академија во Белград. Дополнително го продолжува школувањето во Бугарија, на Државната уметничка академија во Софија, каде ги завршува студиите во 1943. Како стипендист на француската влада во почетокот на 1945 година се запишува на париската Висока национална школа за ликовна уметност во одделот за фрескосликарство на Дикос де ла Ај. Тука ги проучува монументалните техники, што подоцна ќе станат негова уметничка определба.
Во почетокот на 1945 учествува во формирањето на уметничката школа во Скопје и е еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Лазески е прв в. д. директор на Уметничката галерија во Скопје, формирана во 1948.

Изложбата ќе биде отворена до 30 ноември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.