ТРИ вечер организира отворен настан со Франсеск Миралјес, еден од најчитаните странски автори кај нас, но и во светот. Неговите дела „Икигаи“, „Намасте“ и „Ичиго-ичие“ се продадени во неколку милиони примероци низ целиот свет.

Големата книжевна средба ќе се одржува во „Лабораториум“, од 19 часот, а влезот е отворен.

Миралјес ќе зборува за своите впечатоците и искуства од Индија, древната лулка на цивилизацијата, но и за впечатоците од Јапонија, од каде, како што наведува ТРИ, ја извлекол тајната на долговечноста.

Читателите ќе имаат можност да се сретнат со човекот кој истражувајќи за своите книги, истражи многу за себеси и допре до тајните на источните мудрости. Неговите согледувања и директното пренесување на дел од различните источни културни практики ткаат необичен книжевен мозаик, што му помага на современиот читател олеснето да издише и одново да се исполни со енергија и животен елан. Ве покануваме да дознаете повеќе за исцелувачката моќ на мантрата ОМ, отворено да позборуваме за страдањето, да се ослободиме од своето его, од стравот и вознемиреноста – заедно да го разбудиме својот творечки потенцијал, велат од ТРИ.

Миралјес досега има објавено неколку романи и книги од областа на филозофијата на живеењето, а од нив „Намасте“, „Ичиго-ичие“, „Ваби-саби“, „Икигаи“, „Посакувам да си тука“, „Барселона блуз“ и „Љубов со мали букви“ ги читавме во превод на ТРИ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.