Седмото издание на КРИК -фестивал за критичка култура во организација на Контрапункт, годинава на тема „Во постојан отпор“ продолжува со вториот дел од својата програма.

На 21 септември (среда) со почеток во 18 часот во Музејот на современа уметност – Скопје, ќе се одржи перформансот „Обука за реанимација“ чии автори се Феликс Фалчик и Јохана Хершел („Deepfake Situations“) од Германија. Во перформансот ќе земат учество и десет луѓе од Скопје кои претходно се пријавија на јавниот повик.

Перформансот ќе биде повторно изведен во петок, 23 септември во МСУ, со почеток во 18 часот. Веднаш потоа ќе се одржи и разговор со авторите.

Злоупотребувајќи ја ситуацијата на вообичаен курс за прва помош, изведбата симулира здружување на група луѓе како итен случај. Учесниците се водат низ различни вежби во кои на радикален начин се практикува односот на поединецот и колективот. Помеѓу напнатоста и опуштањето, несвесноста и проширувањето на свеста, одучувањето од позната ситуација станува политичка мерка изведена со уметнички средства.

“Deepfake Situations” се злоупотреби на секојдневните ситуации со цел преиспитување на начините на здружување. За разлика од илузиите создадени од вештачката интелигенција, „Deepfake Situations“ се однесуваат на развојот на човечките капацитети за изградба на нови ситуации. Произведените „Дипфејкс“, меѓу другото, користат методи на готови продукти, интервенции и учење игра. „Deepfake Situations“ е основан во Институтот за применети театарски студии Гисен (Германија) и има реализирано проекти во Франкфурт, Манхајм, Бохум, Берлин, Стокхолм и Скопје.

„Седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, во својот фокус има широк спектар на формати низ кои ќе се обидеме да ги артикулираме темата и потребата која сметаме дека ни е приоритена особено во овие времиња кога натежнуваат многу од основните прашања забележани како придобивка на современата цивилизација: демократија, солидарност, создавање заедници.

Културните и уметничките практики, втемелени длабоко во едновремениот отпор и во создавањето на алтернативни општествени, политички текстови и јазици, директно ја проникнуваат, анализираат, аргументираат и толкуваат застрашувачката слика која денес ја живееме – еколошката смрт, ресурсната неодговорност, човековото унижување, био-политичките ентрописки слики – обидувајќи се да се обликуваат себеси како политички субјект кој може да интервенира во понатамошните текови и промени поврзани со општественото тело.

Овогодинешниот КРИК 07 го насловивме „Во постојан отпор“, обмислувајќи ги низ различни формати стратегиите на заеднички и индивидуален отпор кои ни се чинат исклучително важни како начин на живеење во времињата кои непрекинато ни приредуваат нови предизвици, велат програмските уредници Искра Гешоска и Артан Садику.

Во вториот дел на програмата на КРИК ќе се одржат: разговор со Сезгин Бојник, промоција на книга на Артан Садику, изложба и разговор со Шејла Камериќ, во соработка со Тииит!Инк., промоција на книга на Александер Гарсија Дутман.

Логистички партнери на фестивалот се: Националната Галерија на Македонија, КСП Центар-Јадро и Музеј на современата уметност – Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.