Кровот и фасадата во музејот „Доктор Никола Незлобински“ во Струга се целосно реконструирани во рамките на проектот „Реконструкција на природонаучната поставка“, а предвидено е и преуредување на витрините со музејски збирки.

Директорката на установата Албулена Лита информира дека било извршено препокривање на кровната конструкција и оти целосно била реновирана фасадата на главната музејска зграда.

-Внатрешно направени се керамичарски работи на подот од изложбениот дел, зафати на таванот со комплетни молерофарбарски работи на таванот и ѕидовите, исткна Лита.

За реализација на проектот, посочи, биле озбезбедени 3.500.000 денари преку Министерство за култура.

За годинава, според Лита, предвидени се интервенции и комплетно преуредување на витрините.

-Еден од поголемите проекти за оваа година ќе биде „Осовременување на депоата“, каде се сместени музејските збирки. Ќе се вршат и конзерваторски работи на археолошките предмети и теренски активности во кои ќе се вклучат стручните лица од сите одделенија, изјави Лита.

Музејот „Доктор Никола Незлобински, минатата година, презентираше дел од мозаиците од ранохристијанската базилика од 5 век откриени при изградба на црквата Свети Никола во струшкото село Октиси. Мозаиците се достапни за јавноста во посебен изложбен простор во склоп на комплексот во новоизграден објект-конаци во дворот од црквата Свети Никола на површина од 70 метри квадратни, за што од буџетот на Министерството за култура биле издвоени 150.000 денари. 

(МИА)



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.