Во Скопје денеска ќе биде отворена изложбата „Врамена различност“ на Мартин Џепароски.

Изложбата ги претставува истражувањата на авторот за различностите, но и за сличностите меѓу луѓето и животните. За добрината на Св. Мартин кој својот плашт го подарува на сиромашниот и скудно облечениот, но и за трансформациите на самиот современ човек кој визуелно и суштински се видоизменува. Затоа светот на човекот и светот на животните во визуелните претстави е толку различен: од реално до иреално, од генетски немодифицирано до генетски модифицирано, од здраво до нездраво и до мутирано.

Авторот ослободен од правилата, но со голем силен и експлозивен набој на емоции верува дека на платната може да талка кон она што сака да го претстави а во основа е непретставливо. Сето ова на тој начин станува само еден дел од светот на неговите врамени различности.

Мартин Џепароски е роден на 26 октомври 1991 година во Скопје. Во 2010 година, завршил Средно училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, отсек вајарство. Дипломирал на вајарство и сценографија на ФЛУ во 2015 година во класата на професор Ибрахим Беди.

Проектот е поддржан од македонското министерство за култура, Музејот на македонската борба за самостојност – Скопје и Порта Македонија – Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.