Во галеријата на МКЦ во Скопје, вечерва на 14 август, во 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба „Ноќна шума: неизвесни значења и патот низ непознатото“ на Доротеј Нешовски.
Својата најнова уметничка продукција, која Доротеј Нешовски ја насловува како „Ноќна шума“, е продолжување на неговите истражувачки методи долгорочно посветени на трансформативниот потенцијал на неколку едноставни формални елементи и материјали со кои работи во различни формати: дрвени боици, вертикали, сенки, транспарентни слоеви, кои ја имаат главната улога и во оваа поставка.
Во уметничката практика на Доротеј тие се искористени не во нивната очигледна функција, туку како приказ на комплексни формални и метафорички структури – носители на неизвесни значења. Дрвените боици формираат микросредини кои личат на градови или урбани објекти и формации; струготините кои произлегуваат како вишок отпаден материјал од процесот на острење на дрвените боици во овој случај нè тераат да се прашаме што (може) да се прави со акумулациите на преостанати форми и материјали. Како преку ова натрупување на значења би можеле да го формулираме сложениот однос помеѓу природните средини и човечките заедници? – посочува визуелниот уметник Дарко Алексовски, кој е куратор на изложбата и автор на текстот за каталогот.
Проектот е финансиран од „Prince Claus Fund Seed Award“.
Доротеј Нешовски (1989, Скопје) е интердисциплинарен уметник кој се занимава со концептите за креативна спонтаност, ликовнa артикулација, социјална инклузија, педагогија и апстрахирање на релацијата галерија – публика – уметник чии интереси вклучуваат партиципативни активности, методологии на мапирањe и резонантност, вонинституционално делување, истражувачки практики и детска едукација. Од 2012 година тој е еден од основачите и член на уметничката група „ЅЕЕ“ со која има реализирано повеќе проекти.
Нешовски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот за вајарство со поднасока сценографија (2012 г.). Неговата книга „Уметноста не е тоа што сакате“, издание на „Приватен принт“ од Скопје, излезе од печат во 2017 година. Живее и работи во Скопје. Од 2015 година активно организира и конципира детски работилници во Детски креативен центар при МКЦ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.