Сакав да ти дојдам на некоја премиера бе куме, а не на комеморација, рече актерот на Македонскиот народен театар (МНТ) Владо Јовановски на последното испраќање на актерот Владимир Ендровски – Љац кое денеска се одржа во националниот театар.

Ендровски почина на 20 агвуст годинава. Имаше 60 години. Имаше богата и плодна кариера. Одигра голем број впечатливи ликови во театарски претстави, телевизиски серии и филмови.

Додека неговите колеги се збогуваа, на платното на големата сцена во МНТ одеа исечоци од „Трст виа Скопје“, „Пред дождот“, „ММЕ“, „Буре барут“, фотографии од незаборавите улоги во „Подемот и падот на кабарето“, „Бесови“, „Балакнот не е мртов“, „Троил и Кресида“, „Павилјони“…

Се плашам да изговорам Владимир, за да не го збунам и Господ за кого станува збор. Затоа ќе кажам Владимир Ендовски – Љац, тоа е нешто друго, тоа значи. Значи човек со прекар, човек со идентитет, човек – легенда. Театарска, филмска, телевизиска, урбана легенда. Човек, каков што не постои, за жал, на овој свет. Сакав да ти дојдам на некоја премиера бе куме, да разговараме како што сме го правеле многупати тоа, за сцените, филмовите, ситуациите, да се смееме до сабајле утредента, а не на комеморација. Кога ме прашаа дали би кажал неколку зборови на овој немил настан, се мислев, дури сакав и да одбијам, од повеќе причини. Прво, затоа што сум ти лут бе куме затоа што вака набрзина си замина. Второ, јас кога ќе умрам, ти ќе ми дојдеш ли на комеморација бе куме? Не. Но овојпат оправдано, бидејќи физичи не си присутен на овој свет, за жал. И трето, да умрев јас пред тебе, знам дека ќе дојдеше. Познавајќи те, или ќе го згрешеше градот, или датумот, можеби во последен момент, но во секој случај ќе дојдеше, како што ми задоцни на свадбата.Те одбрав, бидејќи твоето его беше толку мало, што беше како бел монах без мантија во овој свет. Те сакав сосе сите карактеристики на твојата прекрасна личност, кажа во последното збогување Јовановски.

Тој со растрепен глас раскажуваше и евоцираше спомени за дружбата со Љац, за доцнењето на кумот на свадбата, за крштевката на првиот син…

Дојде, влезе во нашите животи и оттогаш не излезе од нашите срца, кажа Јовановски.

Тој беше иљач, преку него се катарзираа сите недоразирања во процесот на работа. Само тој си знаел каков товар носел. Како што отидоа многу прекрасни луѓе, актери, се прибраа на небото, таму има поголем потенцијал и кастинг за претстава. Еден ден ќе се прибереме сите и ќе направиме некоја претстава, комедија, Божествена. Среќен сум што го познавав Љац, заврши Јовановски.

За дружбата со Љац говореше и Нино Леви, кој дружбата со Ендорвски ја почнал на претставата „Мир“ за Охридско лето, пред 30 години.

Тој беше исклучителна особа која не само што ги збогати нашите животи со својот неоспорен талент туку и со својата позитивна енергија и со својот специфичен хумор и шарм. Љац припаѓаше на генерацијата актери кои донесоа нова свежина во MHT и го издигна на повисоко рамниште и со претставите „Буре барут”, ”MME” и други растураше низ сцените на бивша СФРЈ и пошироко: Софија, Бон, Гетингем, Москва, рече Леви.

Писмото кое драматургот Дејан Дуковски му го напиша на Љац го прочита актерката Арна Шијак.

Драг мој Љац, за мене ти си една од најсветлите легенди на времево и местово што ги живееме. Пројде низ ‘сценава што живот значи’ како ѕвезда што паѓа и осветли со твојот талент, хумор, ведрина и актерска радост. Го обележи со радост духот на овој театар и сцена што заеднички ја создаваме. Ги обележи моите драми и претстави уште од Академија. Ги бркавме истите соништа. Ретко кој можел така да ме насмее како ти. Да ме инспирира. И на сцена и зад неа. Беше добар другар и брат по оружје. Поминавме заедно околу овие даски низ многу работи, разни времиња, среќни и несреќни, весели и тажни… и секогаш кога ќе помислам на тебе, ќе се насмеам. И ќе ми дојде топло на душава. Затоа што ти беше таков. Со големо срце и поглед на дете. И твојот весел дух ќе биде уште долго тука некаде во згуснатиов ваздух зад завесава. Секогаш ќе бидеш многу подобар глумец од Ал Пачино, драг мој Љац. Нека те чуваат анѓели.

Во името на МНТ и од ансамблот на националниот театар говореше Шијак.

Многу е тешко да се зборува за колега и активен член на ансамблот на театарот во минато. Да се употребат зборовите беше, играше, сакаше, одигра, одигра, подготвувавме и многу други глаголи во минато. Тој е нашиот колега Владимир, нашиот пријател Љац, македонскиот Ал Пачино, ненадминливиот лик на театарската сцена и телевизискиот екран, рече Шијак.

Телеграми со сочувство до семејството испратија претседателот на државата Стево Пендаровски, потоа министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, Драмскиот театар Скопје и Народен театар Битола.

Ендровски е дипломец на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Љубиша Геогиевски во 1991. На сцената на МНТ официјално е од 1993, иако како актер се појавува во претстави и пред дипломирањето. На сцената на МНТ ги оживеа и ги направи незаборавни: Далавера змејот во „Рекламна бајка“ (1989), Дромио од Сиракуза во „Забуни“ (1989), Уплавот во „Мир“ (1993), Целе Бумба во „Женски прилог за ноќта“ (1993), Борис во „Буре барут (1994), Манилов во „Мртви души“ (1994), Јован Ангел во „Лепа Ангелина“ (1995), Спасе во „МКС“ (1995), Д-р Алојзие Зилбербрант во „Глембаеви“ (1996), Макрото во „Едмонд“ (1997), Младичот во „Маме му ебам кој прв почна“ (1997), Брајан во „Шопинг анд факинг“ (1998), Антоан во „Мисија“ (1998), Ботар во „Носорог“ (1999), Арнолд Кримп во „Бетмен враќањето на црниот витез“ (1999), Капетан Лебјаткин во „Демони“ (2001), Крадецот во „Павилјони“ (2001), Трајан во „Балканот не е мртов“ (2001), Ристе во „Ослободување на Скопје“ (2002), „Црна дупка“ (2003), Булдог во „Доле влада“ (2004), „Хамлет во транзиција“ (2004), Вадиус во „Една вечер со ..“ (2006), „Троил и Кресида“ (2010), Алексеј Кирилов во „Бесови“ (2011), како и во претставата „Подемот и падот на кабарето“ (2013).

Зад Ендровски останаа и ненадминливите и секогаш препознатливи филмски и тв ликови: Дино во серијата „Трст виа Скопје (1990) (за која ја има добиено и награда на ревијата „Екран“ за најдобро филмско актерско остварување), Трајче во „Пред дождот“ (1994), Доре во „Преку езерото“ (1997), Безимениот во „Збогум на 20-от век“ (1998), Андарт во „Прашина (2001), Стипе Прикачин во „Бал-кан-кан“ (2005), Затвореникот Варден во „Контакт“ (2005), Коки Лабуд во „Некои поинакви приказни, сегмент: Македонска приказна“ (2010) и многу други.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.