„Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театарот за деца и младдинци (ТДМ) во режија на Јакуб Максимов, ја освои наградата за најдобра претстава од жирито на 31. Которски фестивал на театри за деца што се одржа од втори до 12 јули во Котор, Црна Гора.

Во претставата играат: Ангела Димитрова, Матеа Јанковска, Петар Стојанов, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска-Силјановска.

Општиот впечаток е дека оваа претстава, пред сè, носи оптимистична порака за другарството кое победува. Посебно се истакнуваат сценографските решенија, кои меѓу другото, придонесуваат за магијата која ја носи оваа приказна. Претставата не потсетува дека најважно од сè е да се прифатат различностите и само така може да ги надминеме препреките, се вели во образложението на жирито.

„Роња, ќерката на ограбувачот“ премиерно беше изведена на 26 декември 2022 година. Во мај 2023 година ги освои првите награда на „Новосадските театарски игри”, и тоа: Гран при за најдобра претстава и Наградата за најдобра анимација на кукли за актерката Матеа Јанковска која ја толкува улогата на Роња.

На 25. Меѓународен куклен фестивал „Златна искра“” во Крагуевац, Србија Јанковска освои награда за актерско остварување, а Лазар Новков за најдобра музика.

На МТФ „ Војдан Чернодрински” во Прилеп наградата за млада актерка ја доби Јанковска за улогата на Роња во претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“.

Поубав крај на една сезона не можевме ни да посакаме. Нека се множат успеси и натаму. Од септември се гледаме во Театар за деца и младинци и на други меѓународни фестивали, велат од ТДМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.