Книгоиздателството „Матица македонска“ денеска напладне во книжарницата „Матица ексклузив“ ќе го промовира романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, посветен на љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче.
Големата љубовна одисеја на Гоце и Јанка почнала кога таа имала дваесет и две а тој дваесет и осум години. Траела речиси три години, до крајот на неговиот живот. Планирал да се ожени со неа веднаш по Илинденското востание, но не успеал да го преживее предавството. Неколку месеци пред убиството во Баница му оставил аманет на својот пријател Герџиков, ако тој загине, да се венча со Јанка, но само ако се родат некакви чувства. Дали се родиле такви чувства е едно од прашањата што ги поставува романот, наведува издавачката куќа.
„Матица македонска“ соопшти дека во романот првпат се објавуваат автентични сведоштва „за тајните средби на Гоце и Јанка, за интимните моменти, за плановите што ги имале, за венчавката што ја замислувале, но и за траумите на Јанка од загубата на саканиот и за болеста што ја разјадува, за лузните што ги чувствува до крајот на животот распната меѓу она што го носи во срцето и она што го живее како судбина“.
Новата книга на Миневски ќе ја претстават Јордан Плевнеш, Марина Мијаковска и Бранко Ставрев, извадоци ќе чита актерот Владо Јовановски, во музичкиот дел од промоцијата ќе настапат Драган Даутовски и Драган Мијалковски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.