Рисима Рисимкин, уметничка директорка на „Танц фест“ најави повлекување од функцијата велејќи дека по 20 години е време „Танц фест“ да оди во рацете на младите сили.

Францускиот институт во Скопје и „Танц фест“, по повод отворањето на прославата на 50 години постоење на Францускиот институт во Скопје и затворањето на јубилејното 20-то издание на „Танц фест“, синоќа организираа ексклузивно гостување на француската театарска група „Кафиг“ со танцовиот перформанс „Мозаик“.

Салонот во Македонскиот народен театар (МНТ) каде што се одржа танцовиот перформанс „Мозаик“ беше полн, а публиката уживаше во кореографиите на Мерзуки, еден од најзначајните кореографи со светско реноме денес, кому француската влада му ја довери кореографијата на официјалната церемонија на отворање на Олимписките игри 2024, насловена „Танцот на игрите“.

Ова беше совршено финале на јубилејното издание на „Танц фест“ коментираше публиката.

Со петмина изведувачи на сцена, кои танцуваа на електронска, ориентална и хип-хоп музија, ова кореографско „универзално“ парче е „дизајнирано“ да му се приспособи на каков било тип на сцена, како на затворено, така и на отворено, но и да се изведува во простории што не се исклучително танцови сали.

Моето дете ‘Танц фест’ пред две години наполни 18 години, годинава 20, и сметам дека е време да оди во рацете на млади сили. Ова е крај на 20. Танц фест Скопје, но почеток на следното издание во рацете на Матеа Мијановиќ, Адријана Данчевска, Дејан Битровски и Анастасија Данчевска. Се надевам дека и следните 20 години ќе ги следите, рече Рисимкин, чие обраќање беше наградено со долг аплауз.

На публиката во салата ѝ се обратија и директорот на Францускиот институт Иго Бештел и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер. Тие говореа за основањето на Институтот и за сите гостувања на француски уметници во земјава. Тие му се заблагодарија на Бранко Чобанов, кој, како што кажаа, за нив и за диплометскиот свет е многу повеќе од официјален преведувач. Чобанов, едно од најпрепознатливите лица на Францускиот културен центар заминува во пензија, а публиката во салата го Чобанов со долг аплауз.

Во фоајето на МНТ беше поставена и ретроспективната изложба „50 години Француски институт во Скопје“, која го прикажува дејствувањето на Францускиот институт во текот на изминатите педесет години.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.