Театар Комедија на 27 март, кога се одбележува Светскиот ден на театарот ќе прослави 10 години од формирањето на оваа најмлада теататска институција.

Првите десет години се најтешки, е мислење што често се слуша меѓу народот, а сѐ понатаму е песна. Да бидеме искрени – нас и овие десет години ни беа како песна. Затоа со огромна радост ќе го пречекаме 27 март 2022 година и на Светскиот ден на театарот ќе влеземе во втората деценија на Театар Комедија, велат од Театарот.

Како Национална установа Театар Комедија е основан во ноември 2011 година, а официјалното отворање беше одбележано со премиерата на претставата „Ах, љубов моја“ во режија на Коле Ангеловски на Светскиот ден на театарот – 27 март 2012 година. Првите две години Театар Комедија ја реализираше својата програма на сцената на Драмски театар – Скопје, а потоа својот дом го најде во објектот Театар Центар.

Главната претпоставка за формирањето на Театар Комедија беше и, сѐ уште, е да се овозможи поголема театарска понуда со постоење на жанровски определен театар во државата, со репертоар кој ќе има бројни праизведби од македонски автори, комедии од класиците на светската книжевност и современи комедии од светската драматургија. Во овие десет години на сцената на Театар Комедија се поставени 33 премиери, а претставите имаа 922 изведби. Комедија е еден од најпосетуваните театри со вкупна бројка од 258.292 гледачи.

Како благодарница, на првиот режисер во Театар Комедија, Коле Ангеловски, едно од седиштата во публиката добива плочка со натпис: Коле Ангеловски, првиот режисер во Т. Комедија, 27.03.2012, „Ах, љубов моја“.

Заедно со Театар Комедија во овие десет години растеше и зрееше и комплетната актерска и сценска екипа. Театар Комедија досега има добиено 21 награда на домашни и меѓународни фестивали. Со огромно задоволство го организираме и Меѓународниот фестивал „Гола месечина“, кој се одржува на отворен простор.

Театар Комедија веќе се вброи и меѓу театарските куќи што ги отворија вратите за сите категории на граѓани. Исто така, за подобрување на условите за пристап и за непречено следење на претставите од страна на лицата со хендикеп беа реализирани и неколку проекти.
Ентузијазмот и желбата за откривање нови предизвици се уште позасилени сега, кога имаме десетгодишно искуство зад нас. Во тешки времиња најтешко е да се насмеат луѓето, да се извлечат од сивилото на реалноста и да се внесат во простор каде што на сите проблеми ќе гледаат со насмевка. Бројната и верна публика на Театар Комедија веќе знае каде и со кого да влезе во безбедната зона на радоста и уживањето во животот.

Секој чекор напред е условен од трагите што сме ги оставиле. Во пресрет на Светскиот ден на театарот ве каниме и на изведбите на „Клетвата на Скотје“ во режија на Синиша Евтимов на 25 и 26 март во вашиот Театар Комедија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.