Вработените во Министерството за култура најостро реагираат на навредите и омаловажувањата искажани од страна на претседателката на Синдикатот на културните работници на Македонија, Вера Атанасовска, на собирот одржан во петокот, 19 април 2024 година пред Министерството за култура.

Потсетуваме дека на протестите на вработените во Министерството за култура минатата 2023 година, од страна на Синдикатот на Министерството за култура при УПОЗ, во ниту еден момент, не побаравме непостапување по потпишаниот Колективен Договор за културата, ниту намалување на платите на културните работници, туку напротив, ја поздравивме нивната одлучност и единство во борбата за подобар статус.

Нашите барања беа и се во насока на потпишување и на Колективен Договор за вработените во Министерството за култура на ниво на работодавец, со кој ќе се зголемат мизерните примања на вработените во Министерството за култура. Нашата борба е независна од онаа на Синдикатот на културните работници и затоа одбиваме да влегуваме во спиновите на претседателката Вера Атанасовска, која тенденциозно ги упати навредите кон вработените во Министерството. Согласно сите реакции кои стигнаа до нас вработените во министерството, можеме да заклучиме дека зад она што Вера Атанасовска го упати до вработените во Министерството за култура, не стојат сите членови на Синдикатот на културните работници.

Поради тоа бараме, од претседателката Вера Атанасовска, во рок од 48 часа согласно член 12 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета (Сл.весник на РСМ бр.251/22), јавно да се извини за искажаните навреди, клевети и омаловажувања, во спротивно ќе треба да се објаснува пред судските инстанци за нарушување на честа и угледот на вработените во Министерството за култура.

Во оваа прилика сакаме да упатиме и јавна благодарност до министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, која НЕ застана во одбрана на своите вработени и не ги осуди навредите и омаловажувањата упатени кон нив. Од министерката Костадиновска Стојчевска бараме, во иднина, кога ќе зборува за своите заложби и за грижата, како што вели подеднакво за сите, да ја информира јавноста дека ова не важи и за нејзините вработени во Министерството за култура. Платите на вработените во Министерството за култура не се покачени за 52% туку напротив, денес можеме да кажеме дека повеќе од 90% од вработените во Министерството за култура земаат под просечната плата во државата, односно платите се движат од 24.000 до 34.000 денари, се вели во реакцијата на Синдикална организација при Министерството за култура на УПОЗ испратена до медиумите потпишана од претседателот Бранко Костовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.