До редакцијата на „Република онлајн“ поранешниот в.д. директор на НУ Филхармонија, М-р. Даниел Лазаровски испрати реакција по повод објавеното интервју со диригентот Јерухам Шаровски.

Во продолжение ја објавуваме реакцијата во целост.

Реакција по повод интервјуто со Јерухам Шаровски

Почитувани, ви се обраќам по повод неодамнешното интервју со Јерухам Шаровски во кое што беа изнесени навреди, лаги и клевети кон мене и мојата работа како в.д. директор на НУ Филхармонија во периодот од пет месеци. Најпрво, би сакал да ве информирам за причината поради која Јерухам Шаровски во интервјуто го ословува периодот на моето раководење на институцијата како „мрачните времиња“, „тежок период“ и дека „по темнината доаѓа светлина“ и слични коментари. Причината за овие коментари би сакал да ја објаснам како повикан и прозван во неговото интервју. Имено, Јерухам Шаровски веќе еднаш беше во тесен избор за шеф диригент, меѓутоа тогашното раководство увиде дека тоа најдобар избор за иднината на оркестар, па во 2020 година му се даде шанса на одличниот млад романски диригент, Габриел Бебешелеа. Оттука почнуваат фрустрациите на Јерухам Шаровски, покажувајќи го своето незадоволство со одбивање на ангажмани во Македонија, а потоа и со вербални критики кон институцијата, раководството и музичарите во приватните комуникации со музичарите од оркестарот. Со доаѓањето на Тина Иванова, како раководител на институцијата, беа обновени контактите со Јерухам и тој повторно се наметна да диригира во годишната програма на Филхармонија, безобзирно погазувајќи ги сите зборови и критики кои самиот ги изрече за најстарата културна институција во Македонија. Кулминацијата на нелогичностите е постигната во Јуни минатата година, каде што непромислено и избрзано, без никаква нужност се потпишува договор кој што треба да важи од Јануари 2024, а кој прекршува низа закони и е спротивен на интересот на институцијата и културата во државата и единствен бенефит од тој договор е неговиот личен. Накратко, за на граѓаните да им биде јасно кој и како се расфрла со нивните пари, во договорот е предвидено: – „Шеф диригент“ кој ќе гостува само четири пати во годината, како што и гостуваат други диригенти без титулата шеф диригент. Како за споредба, шеф диригентот на соседна Белградска филхармонија, диригира минимум 12 концерти во една сезона. – „Уметнички директор“, повторно со доаѓање од само четири пати во годината, по пет дена, да одлучува за уметничката програма и развивање на институцијата, а притоа да добива астрономски бонуси за секој совет и консултација. Репутацијата на Јерухам Шаровски во меѓународните музички кругови е како диригент кој се пазари и условува уметници и диригенти за личен интерес, по принципот „натиго- дајмиго“. Токму оваа функција на „Уметнички директор“ му дозволува да ја користи Филхармонија исклучиво за свој личен бизнс и интерес. За потсетување, во Филхармонија се вработени двајца асистенти продуценти, чија примарна работа е токму тоа, да ја уредуваат годишната програма за институцијата. – Најголемата нелогичност во овој договор е што тој нема апсолутно никакви обврски кон Филхармонија, што ја става институцијата во подредена положба. – Договоро се базира исклучиво на усни ветувања за екскурзии на оркестарот, кои Јерухам нема никаква правна обврска да ги исполни, а доколку истите се исполнат, скапо ќе се платат од државните пари т.е. парите на граѓаните. Ова беше пракса во минатото, каде што гостувањата на Македонската Филхармонија во Израел и Кина, предводени од Шаровски, беа платени од средствата на касата на институцијата, настапија солисти од други држави со сомнителни квалитети, блиски на Јерухам, наместо домашни македонски музичари, а на одредени концерти дури и не стоеше репрезентативно име. Сметам дека не ни е потребен шеф диригент кој што ќе не шета на скапи екскурзии, СО НАШИ ПАРИ, а кој ќе ги спроведува своите лични агенди. Договорот крши и неколку закони, како : – Законот за јазици; истиот е склучен на само на англиски јазик. Иронијата оди дотаму што поранешната директорка која го склучила овој договор е поставена на позиција директор противзаконски, без задолжителен сертификат за англиски јазик. – Закон за работа со странци; не е утврден идентитетот на потписникот, бидејќи се комуницира со приватна електронска пошта од страна на Јерухам Шаровски. – Закон за култура; при потпишување на ваков тип на договори, потребно е да се прати допис до надлежното министерство и истото да се консултира за ангажирање на шеф диригент. Дополнителен сомнеж кон законитоста на договорот фрла фактот што потписот кој што се појавува на старите договори со Јерухам Шаровски и потписот кој е ставен на ништовниот договор, не се исти, а во официјалната електронска комуникација, недостасува прикачен и потпишан договор од негова страна. Овие факти, како и избрзаноста за потпишување на договор во Јуни 2023 со важност од Јануари 2024, фрла сомнеж за фалсификување на потпис, што е уште едно прекршување на закон. Покрај сите овие незаконитости и нелогичности, претседателот на синдикалната организација на Филхармонија, Владимир Лазаревски, јавно ги убедуваше и ги лажеше вработените и јавноста дека Јерухам веќе тужел, дотаму што г-дин Лазаревски веќе ја имаше изнесено пресудата и сумата (над 60 000 евра) која Филхармонија би ја платила заради нереализирањето на овој незаконит, ништовен и штетен договор. Ова фрла сомнеж и кон интересите кои ги има Владимир Лазаревски со потпишувањето на овој договор. Сомнеж фрла односот и инсистирањето на поранешната директорка Тина Иванова, која со своите структури и семејни врски, низ тесна врата ја наметнува програмата која токму таа ја правеше во текот на својот мандат и која беше сменета од моја страна поради ангажман на светски имиња, во споредба со дотогашните уметници со сомнителен квалитет, за сега повторно да се врати истата програма. Последниот инцидент, евидентиран во МВР, каде Тина Иванова физички и вербално ме нападна поради одредени медиумски пишувања, обвинувајќи ме мене за истите, покажуваат дека токму вистините кои јас гласно ги кажувам за бизнис интересите и криминалите во Филхармонија, почнувуват да ги загрижуваат главните чинители во истите. Во поглед на таканаречените „мрачни времиња“, би сакал да напоменам дека во моето пет месечното раководење на институцијата, беа донесени уметници како: Мануел Хернандез Силва, Алфонсо Скарано,Роберт Лакатош, Драган Ѓорѓевиќ, Кристијан Васкез, Пачо Флорез, Лео Рондон, Марина Хередиа, а за јубилејната 80 сезона, беа договорени уметници како Ана Софи Мутер, Џејмс Енес, Роман Ким, Јанин Јансен, Србољуб Диниќ, Зои Цоканоу. Ова се уметници однајвисок ранг, кои поради тешката достапност и презафатеноста навистина се предизвик да се ангажираат. Нивниот ангажман бил договаран исклучиво преку мои лични контакти и со тоа би се испишала нова историја на културата во Македнија. Договорена беше набавка на инструмент „контрафагот“ кој оркестарот на Македонска Филхармонија веќе 10 години го позајмува од други институции, а кој никој од претходните раководства не се ни осмелил да го набави поради високата вредност на инструментот но и недомаќинско работење. Неполни два месеци од моето поствување на функцијата в.д. директор, беше решено прашањето за потрошниот материјал кој поради неспособност на претходното раководство, не можеше да се реши речиси две години. Во поглед на финансиите, од денот на моето поставување па се до неправедното разрешување, состојбата на сметката беше петкратно зголемена, а притоа беа вратени стари долгови од судски спорови од претходните раководства. Беа наплатени стари долгови кон институцијата со сериозно високи износи, кои биле толерирани долго време од „непознати“ причини. Со ословување на овој период како „мрачно време“(за луѓето кои ја користат Филхармонија за свој личен бизнис интерес), јас сметам дека тоа е најсветлото време за Филхармонија и дополнително се потврдува дека одредени луѓе ја држат Филхармонија во заложништво и ја користат како средство за остварување на личните цели и бизнис интереси, а се тоа со државните пари од граѓаните. Ќе си дозволам да кажам дека на овој начин, допрва не очекуваат мрачни времиња. За крај ќе посочам дека човекот кој е поставен за шеф диригент на најстарата културна институција во Македонија, има репутација на диригент чиј пристап кон уметноста е исклучиво во лични бизнис интереси, забранувајќи настапи на солисти и диригенти кои не се согласуваат со неговите ставови и убедувања и кои не ги прифаќаат неговите бизнис игри. Дополнително, Јерухам Шаровски е познат по своите нехумани и расистички изјави во однос на муслиманите и Палестина, поистоветувајќи ги со „животни“, „нелуѓе“, „нечисти“, „луѓе кои не заслужуваат да живеат“ и „луѓе кои треба да им се покаже каде им е местото“. Верувам дека во едно мултирелигиско и мултиетничко општество како нашето, нема место за луѓе со вакви ставови.

Со почит,

М-р. Даниел Лазаровски

Поранешен в.д. директор на НУ Филхармонијa



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.