МАКЕДОНСКИ ВИЗУЕЛНИ УМЕТНИЦИ: ИСКРА ДИМИТРОВА
Локација: КСП Центар-Јадро
понеделник, 05.12.2021
Почеток: 19.30 ч

Во текот на 2021 година, КСП Центар-Јадро реализираше проект кој вклучуваше разговори со визуелни уметници и дизајнери, кои пред пошироката јавност ја претставија својата богата продукција.
Во рамките на 20-те предавања/презентации, уметници и дизајнери од повеќе генерации направија преглед на своето творештво преку избор од своите најрепрезентативни проекти.
Проектот беше заокружено со издавање на репрезентативна публикација со транскрипти од снимените разговори и богат визуелен материјал, а беше организирана и групна изложба во Загреб.

Со цел да се оствари континуитет во претставувањето на македонската визуелна сцена, КСП Центар-Јадро продолжува со нова серија разговори во живо, со македонски визуелни уметници и нивните дела изложувани на значајни изложби. Намерата е да се постигне поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена.

Визуелната уметница Искра Димитрова се вбројува меѓу уметниците кои континуирано се присутни на локалната и меѓународната уметничка сцена над три децении, со дела во различни медиуми како перформанс, видео и инсталација, изложувани на самостојни и групни изложби во земјата и странство.

Во фокусот на нејзината работа е истражување и преиспитување на релациите со природниот амбиент, со фокус на телото како непосредна природа и искуство, како и живиот свет и еколошките проблеми во урбаната средина. Со различен пристап кон специфичната тема, делата зборуваат за границите помеѓу приватниот интимен простор и јавното, за позицијата на жената, како и функционирањето на медиумската сфера и начините на креирање на јавното мислење – дела кои таа ги обликува како просторни интервенции, инсталации и акции. Во последните години работи на долгорочни активистичко-уметнички проекти кои се однесуваат на градежната експанзија и узурпацијата на приватниот, но и јавниот простор.

Во презентацијата и разговорот кој ќе го води кураторот Владимир Јанчевски, ќе биде направен преглед на творештвото на Димитрова со фокус на некои од највпечатливите дела, меѓу кои и нејзиниот последен голем проект „@Траги“ (Национална галерија – објект Чифте Амам, 2019).

***

Искра Димитрова (1965, Скопје)
Завршила филозофија на Филозофскиот факултет, 1988 г. и скулптура на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, 1990 г. Самостојни изложби/мултимедијални проекти во Скопје 1991, 1992,1993, 1994, 1997, 1998, 2006, 2017 и 2019 г., во Медисон, САД 1993 г., 1996 г. во Вршац Југославија, во Рочдејл, Англија и во Загреб, Хрватска, 2003 г. во Токио и 2004 во Јокохама музејот во Јапонија.
Со уметнички проекти учествувала на бројни групни изложби во еминентни институции во Македонија и низ светот како Форум на Јапонската фондација, Токио, Модерна музеет, Стокхолм, Музеј на современата уметност Скопје и Белград, Музеј на модерна уметност Лудвиг, Виена, Музеј “Тингели”, Базел, Национална галерија на Македонија, Уметностна галерија, Марибор, Национална галерија Тирана, Бруклински музеј, како и Центарот за современа уметност во Лариса и во Гњилане, Аомори центарот за современа уметност, Јапонија и Визуелниот центар за уметност, Данди, Шкотска и многу други.
За нејзините дела пишувале сите македонски реномирани ликовни критичари и куратори, како и Шарлота Котик, Линда Нохлин, Бранко Франчески, Јара Бубнова, Аурора Фонда, Желимир Кошчевиќ, Брацо Заврник, Макико Матаке и др. како и во Фајненшл тајмс, Асахи Шимбун и Токио Шимбун.
1999 г. е неофицијален претставник на Македонија на Биеналето во Венеција, а 2007 г. со изложбата Глобални феминизми, на која учествуваа 40 уметнички, меѓу кои Тања Бругера, Ејми Катлер, Трејси Емин, Катаржина Козирја, Пипилоти Рист, Кара Уокер и други, се отвора новиот дел на Бруклинскиот музеј. Во таа пригода, делото на Димитрова беше меѓу само четирите за кои имаше посебен осврт и во Њујорк Тајмс”.

Владимир Јанчевски (1984, Скопје)
Живее и работи во Скопје, како куратор во Музејот на современата уметност. Дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност (2009-2011). Од 2004 година организирал, курирал и учествувал на многубројни настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии во земјата и странство. Бил член на јадрото на уметничката иницијатива „Кооперација“ (2012-2015). Од 2011 година соработува со Центарот за визуелни студии – Скопје (дел од Европската мрежа за визуелна култура – VCinE) и учествувал на неколку меѓународни конференции. Автор е на повеќе од 50 текстови за современа уметност и визуелна култура. Се интересира за интердисциплинарни уметнички практики и теорија на сликата, ангажирана уметност и интервенции во јавен простор, иконокластички акти и визуелни конфликти. Во 2019 година добитник е на наградата за развој на ликовната критика „Ладислав Баришиќ“ доделена од Здружението на ликовни критичари АИКА – Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.