Во Културно-информативниот центар на Македонија во Истанбул, Турција, е отворена изложбата на Беди Ибрахим со наслов „Мојот дневник“. Творештвото на Беди Ибрахим во изминативе децении сведочи за импресивно мултимедијално творештво, каде што се присутни основната идеја и мотив за концептот на неговите преокупации и личниот уметнички ракопис. Тој твори во различни медиуми и изразни ликовни дисциплини (цртеж, колаж, скулптура, слики-објекти, видео, инсталација…).

Во „Мојот дневник“ уметникот одредува сопствена игра на чепкање по личните доживувања, настани и сеќавања и извлекувајќи артефакти од собраната архива на вредни спомени од минатото создава визуелна фрагментирана археологија на меморијата. Во таа игра на визуелна нарација и интерпретација на меморијата се обединуваат приказната со ликовноста, фантазијата со реалноста, стварното со нестварното, измислицата со вистината… градејќи нови сликовни и наративни претстави. Оваа изложба всушност претставува „ослободување“ на котвата што го држи минатото и пловењето кон иднината. Неговата уметност е уметност на мислите, еден вид електроенцефалограм преточен во креативна енергија – се вели во текстот од каталогот.

Оваа изложба е составена од повеќе тематски целини (Птици, Гнездо, Порти…) присутни во творештвото на Беди Ибрахим, чиј меѓусебен однос сочинува присоединување на микронаративите, кои создаваат нова естетско-концептуална целина – макронаратив со заеднички именител означен од авторот – „Мојот дневник“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.