Сите карти за театарскиот фестивал „Рута група Триглав“ кој од утре, петок, 14 октомври ќе се одржи во Драмски театар Скопје се распродадени, соопшти денеска директорката Катерина Коцевска Хаџи Василева на прес-конференцијата на која го најави Фестивалот на регионлната унија на театари.
На сцената на Драмски театар-Скопје од 14 до 19 октомври, македонската публика ќе има можност да види шест репрезентативни и најнаградувани претстави на театрите од регионот. Драмски деновиве ќе биде домаќин на десеттата по ред Рута што се одржува на секои два месеци во еден од шесте театарски центри Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Подгорица и Скопје.
Најголем интерес постои за утрешното отворање на фестивалот, кога ќе биде изведена претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, во која настапуваат актерските ѕвезди Раде Шербеџија и Милан Мариќ, на театарот „Улисис“ од Бриони, Хрватска. Освен Шербеџија и Мариќ, во претставата играат Катерина Бистровиќ – Дарваш и Вања Ненадиќ.
Разговарав со режисерката на претставата, Ленка Удовички. Ми кажа дека на Раде му се јавуваат од Скопје и му бараат карти за претставата. Јас реков, сериозно немам карти, немам ни за мене. Ќе се отрудиме да ја донесеме претставата цела недела, да играа во ноември или декември, изјави денеска Коцевска Хаџи Василева.
Драмски заедно со петте водечки театри од регионот – „Београдско драмско позориште“, „Камерни театар 55“ од Сараево, театар „Улисис“ од Хрватска, „Месно гледалишче Љубљана“ и „Градско позориште“ Подгорица ја формираа Регионалната унија на театри – РУТА Група Триглав.
Београдско драмско позориште настапува на 15 октомври со претставата „Диво месо“. Извонреден е предизвикот на ансамблот и на режисерот Јагош Марковиќ, претставата по текст на Горан Стефановски да биде изведена во Скопје.
Третата фестивалска вечер (16 октомври) публиката ќе има можност, да ја види претставата на македонскиот режисер Александар Поповски. Тој своето читање на римскиот поет Овидиј ни го доловува во претставата „Хероини“ во изведба на „Месно гледалишче Љубљана“.
На 17 октомври од Црна Гора доаѓа ансамблот на Градско позориште Подгорица со претставата „Коњите убиваат, зар не?“. Режисер на претставата е Кокан Младеновиќ. „За оваа претстава на матичната сцена и на сите гостувања се бара ‘билет повеќе’ поради уникатниот концепт на учество на публиката во претставата. Ограничен број гледачи ја следат претставата сместени на сцената и имаат можност да консумираат вкусна храна и пијалоци слушајќи професионален бенд и актерска изведба на шоу програма.
Комедијата „Мирна Босна“ во изведба на Камерни театар 55 од Сараево, е на програмата на фестивалот на 18 октомври. Во претставата две семејства се договараат да започнат нов бизнис. Но, како што вели авторот Борис Лалиќ во Босна не е лесно да се води чесен бизнис, а уште потешко е чесно да се направи криминална организација во која преку ноќ ќе се збогатат две семејства. Тогаш настанува вистинска комедија. Режисер на претставата е Саша Пешевски.
Свеченото затворање на фестивалот е со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар Скопје на 19 октомври. Режијата е на Зоја Бузалковска, по текст на Сајмон Стивенс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.