Во рамките на регионалната соработка Отворен Балкан, како прва размена во областа на симфониската музика, утре во Белград, во Коларац гостува Филхармонијата на Република Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

Концертот ќе биде под диригентство на Габриел Бебешелеа, а ѕвезда на вечерта ќе биде пијанистот Дино Имери, кој ќе го изведе најпопуларното дело некогаш напишано за пијано, концертот на Чајковски во б-мол, соопштија од Белградската филхармонија.

Дино Имери го нарекуваат „волшебникот на пијаното“ поради неговата беспрекорна техника и слободата во интерпретацијата, а денес е еден од најреномираните македонски пијанисти. Љубителите на пијано особено ќе уживаат во изведбата на најголемиот хит напишан за пијано. Меѓутоа, во времето кога композиторот ја завршуваше работата на ова дело, советите и коментарите што ги добиваше не укажуваа дека тоа ќе биде една од најбрилијантните композиции напишани за пијано. Кога би се направила топ листа на најпопуларни дела за овој инструмент, денес Концертот на Чајковски сигурно би бил на самиот врв, поради што претставува голем предизвик за пијанистите, соопштија од Белградската филхармонија.

Концертот на Филхармонијата на Република Македонија во Белград ја означува комбинацијата на многу разновиден и атрактивен репертоар. Вечерта започнува со „Пијан танц“ од Сони Петровски, кој е настанат како нарачка од овој оркестар. Еден од најистакнатите автори на македонската сцена, инспирацијата ја најде во народниот оро Пајдушко. Публиката ќе ужива во богатата и колоритна композиција која ги пренесува карактеристиките на традиционалните македонски ора. Концертот под диригентство на Габриел Бебешелеа, главен диригент на Државната филхармонија на Трансилванија, завршува со богатство на музички идеи на симфонијата „Патетична“ на Чајковски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.