Старото оружје кое се користело во периодот на Разловечкото и Кресненското востание, во наредните неколку денови ќе можат да го видат беровчани, но и сите посетители и туристи кои викендот го користат за посета на градот Берово. Изложбата на стари оружја кои потекнуваат од предилинденскиот период е во организација на Здружението „Малешевци за Малешевијата“, а целта е да се збогати туристичката понуда во градот за време на празникот Успение на Пресвета Богородица и Етно Плоштад фестивалот.
-Здружението во овие пригодни денови кога Берово го празнува празникот посветен на Пресвета Богордица и во чест на Етно плоштад фестивалот, како здружение сакавме да придонесеме во развојот на туризмот и уште повеќе да ја збогатиме целокупната понуда во општината и во градот. Ова е една извонредна прилика, бидејки имаме можност да видиме ретки примероци на старо оружје, кое што датира од еден период, во кој што да речеме била бурна историјата во Македонија. Јас само сакам да кажам дека овој начин на кој ние допринесуваме е да ја збогатиме целата понуда како регион и да го подобриме економскиот и локалниот развој во општината, пред се и на туристите и на сите посетители да го видат она што ретко каде може да се види, истакна претставникот на здружението Ѓорѓи Пеовски.
Оружјето кое е изложено во просториите на здружението Малешевци за Малешевијата како што истакна колекционерот Ванчо Габер, кој е еден од најзаслужните за негово одржување и зачувување во оригинална форма, потекнува од XVIII и средината на IX век, од кога потекнуваат и последните примероци.
-Ова е дел од културно-историското наследство на Малешевијата и пошироко, дел од традицијата, оружје со кое се бореле нашите подалечни предци за слобода, правда вера. Тоа е старо оружје кое заслужува да го види секој. За жал по музеите ретко имаме можност да го гледаме, не можеме сите да одиме во музеј и затоа ние ја користиме оваа прилика, блиску до народот за да го види тоа и да стекне впечаток за времињата пред 200 години, како изгледале оружјата во тоа време, вели Габер.
Меѓу оружјата, како што напомена, се наоѓаат примероци од Разловечкото и Кресненското востание, кои иако биле застарени во однос на оружјата кои ги имале големите војски, сепак револуционерите го користеле тоа што го имале како наследство од своите прадедовци.
-Тоа се каписларите, пред каписларите имало оружја на кремен, тоа се овој тип на оружје кои во Разловечкото востание биле застапени. Иако биле застарени луѓето немале финансиски средства да купуваат во тоа време модерно оружје, туку го користеле тоа што го имаат. Подоцна во Кресненското востание веќе според потврдени сознанија, добиваат од Русите и од Бугарите во тоа време примероци на ,,крнка”, Русите ги даваат во некоја количина, меѓутоа се шпекулира со бројки, не се знае точно, била мала бројка, со оглед на тоа можеме да заклучиме дека најголем дел од оружјето во Кресненското востание се каписларите и кременот и една бројка од 30 броја ,,крнки” евентуално ,,бердан” или ,,шнајдер” тоа е од Турците, оружје кое не можело да се купи, бидејќи тоа е воено оружје, раскажува Габер.
Оружјето кое е изложено во рамки на изложбата на стари оружја е дел од колекцијата на Благој Механџиски – Зегин, познатиот беровски стопанственик кој на неговите пријатели од здружението „Малешевци за Малешевијата“ им се заблагодари што му укажале прилика преку оваа изложба да им се покаже на сегашните генерации како растела и како се бранела Малешевијата.
-Тоа се спомени на нашите дедовци и прадедовци кои ја бранеле нашата земја, што е поука како и сега да ја браниме, бидејќи бранењето е долг на секој кој е роден овде на огништата на своите баби и дедовци. Посебно сакам да нагласам дека тоа е само дел од оружјето кое јас го поседувам, како колекција и да потсетам дека преку 200 парчиња ги имам дадено бесплатно на музеите, а цената на овие оружја е преку милион и пол евра. Додека сите ги продаваа, јас ги купував и подарував, поготово кога се работи за историски парчиња кои се употребуваат, вели Механџиски.
Меѓу оружјата ги напоменува примероците од времето на револуционерот Димитар Поп Георгиев Беровски, оружјата од времето на Никола Петров Русински и оружје од други познати и непознати борци, кои преку борбите учествувале во развивањето на македонската национална самосвест.
-Само ќе ви кажам оваа пушка што е на Димитар Беровски е пушка наследена од неговиот дедо. Како што рече господинот Габер, технолошки пушките биле на подолно ниво од оружјето со кое располагала турската и други војски. Но сепак тоа е спомен од неговиот дедо, а во тоа време кога ја купувал тоа вредело негде ,,три ѕевгар волови” за една таква пушка. Таа е вредноста, може да замислите единствено Димитар Поп Георгиев Беровски го продавал својот имот и го купува оружјето за Разловечкото востание. Ја имав таа чест да добијам пушка преку неговите наследници, бидејки тоа е редок примерок кој ме врзува за овој крај. Има оружје и од четите кои ја следеле Мис Стон, од борците кои ја следеле нејзината мисија, а имаме и оружје со кое се бранело населението од тогашните напади на Пехчево и Владимирово од страна на аскерот, додава Механџиски.
Според него општо познато е дека Разловечкото востание е пред Крушевската Република и тоа треба секогаш да се потенцира, а историјата да се раскажува онаква каква што била.
-Посебно сакам да нагласам зашто имаме оружје од турско, бидејќи тогаш луѓето ја бранеле Македонија, зошто и сега да не ја браниме. Значи Македонија постоела од тогаш и ова оружје е правено пред 100 години за бранење на македонската држава. Затоа сакам да упатам порака дека ако збориме политички, треба да збориме со аргументите и таа цела пот и крв која се пролеала. Јас како што сега можам да ви кажам, не сум имал баш пари тогаш да ви кажам кога сум ги собирал тие парчиња, но желбата да ги имам, тој ,,сенс” да ги прикажам борците, тој сенс за како да кажам хероите, за Македонија од тоа време е со цел да си ја запаметат сегашните генерации. Сето тоа тука прикажано е и аманет до сите и баш ги молам сите Беровци да дојдат, да видат со што е бранета оваа држава, а притоа голема благодарност до Габер кој го сервисира ова богатство, додава Механџиски.
Ваков вид на оружје има доста, а истото како што беше кажано на изложбата ќе биде обелоденето пред јавноста наскоро. Во рамки на изложбата на стари оружја освен стари пушки забележливи беа и ками и револвери кои претежно користеле црн барут како муниција.
-Оружјето сакам да го задржам во таква кондиција каква што е, ова е едно од ретките, две три имам видено одлично сочувано, тоа е оружје кое го имале Србите и Црногорците и стигнало некако овде. Има квалитетен избор и поголема содржина индикативно и во таа сфера има материјал доволно за да се запознаат граѓаните. Ова оружје е на еден куршум, оружје на црн барут, куршум за такво оружје е раритет, на запад има лиги и се натпреваруваат со такво оружје, но ние сме далеку од тоа, бидејки куршумите се произведуваат по нарачка, но да речеме за ,,шнајдер” или ,,мартин” чини најмалку 10 евра и затоа немаме можност и амбиции тоа да го развиеме како таков спорт. Целта е да ја покажеме историјата за ова оружје, додава Габер.
На изложбата сите беа децидни дека Македонија во тоа време на подарок не добивала речиси ништо, бидејќи и тие неколку парчиња кои ги добиле од Русите преку тајни канали, биле без муниција, бидејќи се плашеле да не биде употребено во друга цел.
Изложбата, како што додаде Роберт Николов од здружението ,,Малешевци за Малешевијата”, ќе биде отворена за да сите за време на Етно Плоштад фестивал и празникот Успение на Пресвета Богородица од 12 до 22 часот во просториите на здружението, кое се наоѓа на градскиот плоштад во Берово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.