Работите се случуваат ненадејно, но важно е културата да опстои, рече режисерот Даријан Пејовски синоќа на премиерата на филмот „Мими“ во рамки на отворањето на Фестивалот на европски филм „Синедејс“.

„Мими“ е втор долгометражен филм на Пејовски, за кој тој го напиша и сценариото.

Пред седум години токму на „Синедејс“ премиерно беше прикажан дебитантскиот филм на Пејовски, „Три дена во септември“, кој го отвори фестивалот и тогаш доби награда за најдобро сценарио на „Синедејс“. Вториот филм на Пејовски, „Мими“ повторно е во натпреварувачка програма.

„Мими“ е сниман во 2020 години, во ек на пандемијата на ковид. И покрај тешките услови во кои работела екипата, следејќи ги сите ковид-мерки, Пејовски кажа дека ковидот добро му дошол, бидејќи благодарение на мерките и карантините, тој и директорот на фотографија, Дејан Димески и Игор Тошевски, кој е автор на сценографијата, практично сами шетајќи по празните скопски улици ги одбрале локациите за снимање на филмот.

Темите кои ги обработува филмот се универзални. Филмот раскажува за Мими која ги напушта своите родители и болното минато од родното место, за да студира во Скопје. Ја запознава Сара – млада мајка со богат но насилен сопруг. Работејќи во киоскот на вујко ѝ, и како бебиситерка за Сара, Мими копнее по единственото што не може да го има – мајчинството.

Главните улоги ги толкуваат Наталија Теодосиева и Тамара Ристоска, аво филмот уште играат и Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов.

Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ.

Режисерот Пејовски е и автор на сценариото, кинематограф е Дејан Димески, сценографијата е на Игор Тошевски, костимограф е Емилија И. Атанасовска, Ива Куробаса работи на шминка и фризура, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски.

Филмот е копродукција на Скопје Филм Студио со Maxima film од Хрватска и Giggling goat production од Црна Гора, и е направен со поддршка од Агенцијата за филм, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора.

По скопската премиера, „Мими“ ќе има светска премиера на Пулскиот филмски фестивал, чие 69. издание ќе се одржи од 16 до 24 јули.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.