Во рамки на проектот „УГД – Чекор кон светот“ во кој се вклучени актуелните и идни студенти на Катедрата за современ танц при Филмската академија, денес и утре ќе се одржат две работилници за кореографија и танц со предавачите Настија Џјубан, Украина, Ли Мун Ваи, Германија-Сингапур и Викторија Илиоска. Овој дел на програма се остварува во соработка со Локомотива – Центарот за нови иницијативи и нивната програма Култренинг. Со ова започнува вториот дел од проектот „УГД – Чекор кон светот“, кој од годинава го воспостави Катедрата за современ танц, со цел да им се овозможи на студентите надградба и дополнителни знаења и пракса за интеграција на професионалната уметничка сцена.

Во оваа практика на преориентирање, ќе започнеме со прашањето „каква разлика прави кон што сме ориентирани?“ и ќе се движиме не само напред, туку и назад. Поттикнати од принципот на практикување љубопитност инспириран од Фелденкраис, заедно ќе се ориентираме кон сетилата, сензациите, деловите од телото, движењата и звуците кои обично се недоволно застапени и маргинализирани. Кои се работите што ги оставаме зад нас, зад грб? Движејќи се помеѓу овие прашања, ќе си играме со нотирање на сензации, практикување на исчекување и развивање телепатски поврзувања, велат предавачите.

Настја Џjубан се бави со танц и кореографија. Таа е родена во Киев, Украина, а моментално живее во Гисен, Германија. Од 2015 година, Настја ја развива својата уметничка пракса и создава перформативни дела. Ја интересираат вкрстувањата на диспозитивите на театарот и кореографијата, како и поимите како што се потенцијалноста, миграцијата, поимот заедничко. Нејзините дела се прикажани на фестивали во Киев, Франкфурт, Бохум и Манхајм. Во 2021 година, Настија стана член на „danceWEB“ под менторство на Ана Јурен и Фредерик Гис. Настја магистрира на програмата „Кореографија и перформанс“ во Гисен и моментално работи како хонорарен кореограф, танчер и изведувач во Гизен и Франкфурт на Мајна.

Викторија Илиоска е македонска кореографка и изведувачка која живее и работи помеѓу Македонија и Германија. Повеќе од 10 години таа активно работи на програми за промовирање и развој на современиот танц, како во соработка со институциите, така и во зајакнување на независната сцена кај нас. Од 2010 година е член на Номад танцова академија, создавајќи врски и соработки во локалниот и националниот контекст на балканскиот регион. Викторија магистрирала кореографија и перформанс на Институтот за применети театарски студии на Универзитетот „Јустус Либиг“. Таа си игра со различни форми на провокација и често ги истражува поимите за трудот, идентитетот и женското претставување во јавниот простор во нејзината работа.

Ли Мун Ваи е кореограф и танчер кој работи паралелно помеѓу Берлин и Сингапур. Во јули 2021 година магистрира на програмата за кореографија и изведба (MA Cup) на Институтот за применети театарски студии во Гисен, Германија. Во својата танцова и кореографска практика, Ли Мун Ваи инсистира на релациона пропустливост помеѓу него и неговата околина. Мун Ваи го создава соло перформансот “On Display“ во 2021 година, премиерно изведено во “Künstlerhaus Mousonturm“, Франкфурт, како дел од „Tanzfestival Rhein Main“. Тој е учесник во повеќе проекти на други кореографи како „Oracle and Sacrifice In The Woods“ во 2021 година и „Thyestes Brüder! Kapital“од 2019 година, на германската кореографка и режисерка Клаудија Босе; „Марк“ во 2017 година на сингапурскиот кореограф Даниел Кок; и „There Is Speficifisfety“ во 2018 година, соработка со малезискиот кореограф и танчер Ли Рен Син.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.